Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПАНДЕМИЈАТА И НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА

Светските лидери во 2020 година се справуваа со разменетите видеопораки наспроти вообичаените средби лице в лице, на кои се разговара за најважните геополитички прашања. Токму затоа магазинот „Политико“ ја окарактеризира измината 2020-та како година во која настапи „смртта на дипломатијата“. Во такви околности бевме сведоци и на сотирање на меѓународното право, европските вредности и на стандардите на воспоставениот меѓународен поредок. Како беа видени сите овие случувања во сферата на надворешната политика низ призмата на дел од македонските дипломати со големо искуство

Одржувањето на историската 75-та седница на Обединетите нации, во септември, преку виртуелна сесија без присуство на говорниците, туку со емитување видеоснимки од нивните обраќања, веројатно најдобро го отсликува опаѓањето на моќта на дипломатијата како последица на пандемијата. Светските лидери во 2020 година се справуваа со разменетите видеопораки наспроти вообичаените средби лице в лице, на кои се разговара за најважните геополитички прашања. Токму затоа магазинот „Политико“ ја окарактеризира измината 2020-та како година во која настапи „смртта на дипломатијата“. Во такви околности бевме сведоци и на сотирање на меѓународното право, европските вредности и на стандардите на воспоставениот меѓународен поредок.

Како беа видени сите овие случувања во сферата на надворешната политика низ призмата на дел од македонските дипломати со големо искуство?

– Во време на оваа исклучително сериозна пандемија, комуникацијата лице в лице, со посети, средби во различни пригоди и поводи, е сведена на минимум, така што дипломатскиот контакт останува во рацете на новите електронски технологии, кои си носат свои специфики, од снимање и копија на разговорите, особено кога се меѓу двајца дипломати од кој било ранг, до вмешување или следење и однадвор и слично.

Тоа е, секако, ослабување на таа мошне важна и значајна алатка кога се остваруваат такви средби во живо, што беше практика до пред една година. Секако дека се губи значаен дел од она што значи непосреден разговор, во четири очи, без преведувач и некој што запишува. Но ќе мора да се приспособуваме и со следење ригорозни протоколи, така што мислам дека во 2021 година ќе мора да бидат ангажирани и пониски рангови од премиери и министри за надворешни работи во спроведувањето на надворешната политика на Македонија. Значи дека амбасадорите и советниците ќе треба да се вратат на класиката или поконкретно на дипломатскиот разговор, средби, вечери, приеми и слично, каде што полесно се доаѓа до информација или се пренесува порака – истакна дипломатот од кариера и поранешен македонски амбасадор Љупчо Арсовски.

Македонската дипломатија го издржа тестот и не се почувствува разлика во нејзиното дејствување за време на пандемијата, според искусниот дипломат и поранешен македонски амбасадор Огнен Малевски.

– Дипломатијата мораше да се послужи со алтернативни методи, со апликации за комуникација како Зум, за сепак да функционира. Дипломатите ги следеа препораките на државите од кои доаѓаат. Ги редуцираа контактите, но нужните средби се реализираа. Притоа учествуваа и во процесот на евакуација на нивните државјани од разни земји за време на пандемијата. Специфичната ситуација наметна други методи. Погодени беа и меѓународните организации, како што се Обединетите нации, кои не можеа да одржуваат состаноци со присуство на претставниците. И македонската дипломатија го издржа тестот и не се почувствува разлика во нејзиното дејствување – вели Малевски.

Тешкотиите со кои се соочува дипломатијата на глобално ниво се истакнуваат и како причина за појава на уцени, притисоци и на отсуство на компромис, а со тоа и опаѓање на демократските стандарди. Како примери за ваквата состојба се забележуваат бугарското вето, тешкотиите при усвојувањето на буџетот на ЕУ поради противењето на Унгарија и на Полска, но и непризнавањето на изборните резултати во САД и сомнежот во тамошниот изборен процес.

– Факт е дека во отсуство на разни начини низ кои порано се реализираа дипломатските контакти и комуникација, сега, за жал, се прибегнува кон користењето на медиумите, изјави, интервјуа, дебати… низ кои се соопштуваат одредени нови политики, зафати, пораки, па до уценувачки ставови, што стана опасна практика, особено во делот на Западен Балкан. Имавме промоција и испраќање твитер-пораки, што го сметам за непристојна практика, освен оние позитивните кога нешто требаше преку бриселски рангови да се соопшти за горливи прашања за проширувањето, кое беше ставено високо на агендата во ЕУ. Факт е дека голем дел од земјите, сега членки на Унијата, станаа членки со „олабавени и несоодветни постапки и оценки“ и факт е дека неколку од нив не ја оправдаа оваа „лабава“ постапка во случајот со Бугарија, која им донесе големи бенефиции, и сега се наоѓаат во ситуација да спроведуваат свои стари политики, доктрини што и некогаш биле одобрени од нивните земји спонзори, а неретко некои од нив проектирани и со заштита, која е компликувано да се открие со факти. Користењето на веќе утврдените критериуми и соодветни алатки, како вето и оддолжување на некои постапки, е одамна присутно во Унијата. Овој пат Унијата е сериозно замислена бидејќи во веќе утврдени постапки и искажани позитивни оцени се прибегнува кон уцена, извртување факти, користење делови од историја сега интерпретирана на различен начин. Чинам дека во Унијата сега се размислува и на користење други видови убедување и притисок за реализација на она што е веќе утврдено во нивното право. Секако при преземање одредени чекори ќе се земаат предвид повеќе елементи, при што значајна улога ќе бидат и економските и финансиските параметри низ кои ќе се види интересот на одредени земји, пред сѐ на земјите што се издвојуваат во самата унија по економско-финансиската моќ, технологијата, банкарството и слично. Секако, Бугарија ќе биде посебно третирана од повеќе причини – објаснува Арсовски.

Малевски, пак, смета дека ветото за пристапните преговори за Македонија со ЕУ се должи на внатрешната процена на Бугарија, надоврзана со тамошните претстојни избори.

– Дали состојбата на дипломатијата довела до појава на уцени и на притисоци, спаѓа во сферата на шпекулации. Но може да се забележи дека пандемијата остави економски последици во внатрешната состојба на државите при што беа нарушени столбовите како што се економијата и образованието. Тоа, секако, имаше ефекти врз дејствувањето на државите. Во случајот на Бугарија дојде до краен момент за механизмите за билатералните прашања. Станува збор за внатрешна процена надоврзана со претстојните избори во државата – нагласи Малевски.
Справувањето со пандемијата, при кое меѓународните организации беа тргнати настрана, би можело да биде сигнал за соработка при идни кризи.

Кога се појави пандемијата на глобално ниво, сите се затворија наместо да има соработка и поддршка, а меѓународните организации беа тргнати настрана, со што СЗО падна во втор план, додека ЕУ не реагираше. Ова може да биде сигнал за соработка при идни кризи, со која ќе се вратиме во нормала. Економијата е клучот на сѐ. А ќе има процес за постепено враќање во нормала, ако се намали бројот на случаи на коронавирус. Тогаш и дипломатијата ќе се врати во нормала – резимира Малевски.
Извесно е дека дипломатите ќе треба да се справуваат со големи предизвици и во годината што доаѓа, во обид преку меѓусебна соработка да дојдат до решенија за важните прашања со кои можат да помогнат и во полесно справување со пандемијата, а со тоа и за излез од кризата што го зафати светот.


Квалитетни кадри за враќање на угледот

Љупчо Арсовски, кој има богато искуство во дипломатијата, смета дека вреднувањето на квалитетите, искуствата и знаењето во дипломатијата претставува единствен начин да се врати угледот и да се промовираат Македонија и нејзините вредности низ историјата до денес.
– Состојбите во македонската дипломатија се такви што добрите познавачи, квалитетниот кадар што понесе голем дел од товарот од осамостојувањето па наваму, го сметаат ова ниво за поразителна ситуација. Тоа го видовме низа години претходно од испраќањето дипломатски кадар без ред и поредок, по што следуваа и многу таканаречени инциденти и гафови. На пример, амбасадор се подготвува само една недела и заминува како прв човек во силна земја од ЕУ, што е практика и за други дипломати, а нивните имиња на можете да ги регистрирате ниту во медиуми, ниту на конференции, ниту можете да ги најдете на Гугл. Решението се гледа и е познато во практиките на дипломатиите во кои има исклучиво професионалност, далеку од актуелната дневна политика и политичките партии што учествуваат во власта. Вреднувањето на квалитетите, искуствата и знаењето или со една едноставна формула… вистинскиот човек, во вистинско време, на вистинско место. Тоа е единствениот начин да се врати угледот и да се промовираат Македонија и нејзините вредности низ историјата до денес – категоричен е Арсовски.

[email protected]