Дамите шпиони поуспешни од агентот 007

„Медените стапици“ и натаму се омилено заведувачко разузнавачко оружје во центарот на Европската Унија – Брисел. Шпионките со кратки здолништа, според безбедносни извори, имаат најголем успех при собирањето информации со строго доверлив карактер. Поранешните разузнавачи на шега, во која има многу вистина, знаат да кажат дека „заповед број 11 за дипломатите на ЕУ би требало да биде да не наседнуваат на т.н. ’медени стапици‘“. Во минатото жените шпиони, кои се поставувале како сексуални мамки, во безбедносниот жаргон се нарекувале „ластовички“, а мажите „гаврани“. Можеби термините денес се променети, меѓутоа формата и суштината на постапките се сосема исти. Мата Хари сѐ уште живее…

Терминот „медена стапица“ стана популарен во романите од времето на Студената војна меѓу писателите што пишуваа за руските агентки, кои ги заведуваат западните мажи. КГБ веруваше дека западњаците се наивни и лесно подложни на сексуални мамки. Така ги искористија своите „ластовички“ – женски шпиони. „Гнездо на ластовички“ беше називот на двособните станови, каде што целта се заведува во една соба, додека техничарите на КГБ ја снимаат целата афера во соседните простории. Имало тогаш и машки заводници „гаврани“. За тоа време, на западната страна оперираа Ромеи, заводници на источногерманската разузнавачка служба Штази, каде што исто така и 40 жени биле користени за шпионажа.

Каде се плетат „медените стапици“

Додека штетате по Ру де Парнас во Брисел од правецот на Берлемон, од вашата десна страна ќе го видите Европскиот парламент, од десната страна, веднаш преку улицата, „Студио интиме“, место за интимно опуштање. Студио, хотел, студентски дом, бордел, наречете го како сакате, не е единственото такво место во близината на таа институција. Во Белгија борделите се легални, но секторот, во секој случај, ја има темната страна, затоа што некои жени тргуваат со банди од Источна Европа, изјавија двајца поранешни разузнавачи во едно анонимно интервју за „Еуобсервер“.
Тие тврдат: „11-та наредба за дипломатите од ЕУ што патуваат во странство треба да биде да не наседнуваат на ’медените стапици‘“. Односно, да не наседнуваат на убави девојки без оглед дали биле во улога на преведувач, асистент, практикант и др. Медената стапица сè уште се користи многу без оглед на сексуалните преференции. Понекогаш не станува збор за сексот сам по себе. „Се работи за секаква ранливост, која може да ја најде и искористи непријателската служба… без оглед дали станува збор за секс, алкохол, коцкање или која било друга абнормалност“, истакнува еден од анонимните соговорници.

Двајцата разузнавачи, кои работеле во Брисел, признаваат дека сексуалните детали во реалниот живот не се толку романтични како што се во холивудските филмови. Тие се сеќаваат на еден случај на државен службеник во ЕУ, кој бил задолжен за безбедноста на пасошите. Бил заведен од жена на службено патување, која му се претставила како негова колешка – делегат. Но по страсната врска во неговата хотелска соба, таа истрчала во ходникот притоа извикувајќи дека е силувана.

Полицијата и разузнавачите притоа заклучиле дека тоа е всушност стапица од шпион од земја на сојузничките сили на НАТО, која сакала пристап до пасошите, па затоа го заробила колегата, кој е од земја на НАТО. Лажните силувања или врски со малолетните лица се вообичаена уцена од непријателските разузнавачки служби. Еден од разузнавачите, кој минал повеќе од 10 години во теренско набљудување, истакнал дека секогаш може „да се почувствува во воздухот“ дека нешто се крие зад „убавите млади жени во високи потпетици“, кои се во друштво со претставниците на ЕУ.

Во Брисел има наезда од „бубачки“

Нема сомнение дека Брисел, кој е центар на европските институции и на НАТО, го надгледуваат странските разузнавачки служби.
„Бубачки“ за прислушување во 2003 година биле откриени во кабините на преведувачите во зградата на Европскиот совет, а во 2014 година Европскиот парламент ги извади чуварите надвор од своите чувствителни состаноци затоа што се веруваше дека руските агенти влегуваат во разговорите. Во почетокот на 2019 година, Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) ги предупредила амбасадите дека 250 кинески и 200 руски шпиони шетаат по улиците на белгиската престолнина. Едно новинарско истражување на „Ди велт“, „Ла стампа“ и на „Блумберг“ врз основа на извори на ЕЕАСА откри постоење на широка мрежа на кинески разузнавачки агенти во Брисел. Истовремено протече документ, кој ги советувал дипломатите на ЕУ да избегнуваат популарен ресторан во близината на седиштето на Европската комисија, што секако го изненади сопственикот на ресторанот, кој повеќе од десет години им служи на познати еврократи. Секако, Кина и Русија негираат какви било нелегални операции во Европа и покрај тоа што се појавуваат од секој агол.

Така, во 2020 година, во дипломатијата почна истрага на германските власти за еден поранешен амбасадор на ЕУ, Герхард Сабатил, под сомнение дека бил во центарот на тајната кинеска операција, чија цел било доставување европски тајни во Пекинг. Тие се сомневаа во него, но најмногу од нив се сомневаа во неговата нова девојка и сега сопруга, Кинезинката Шен Венвен, која ја запознал во 2015 година додека бил амбасадор во Јужна Кореја. Она што случајот го прави експлозивен е тоа што Сабатил поминал повеќе од 30 години работејќи за ЕУ. Веста се појави токму во перидот кога Европа се најде среде жестока дебата за тоа дали да му се дозволи на кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеи“ да поставува 5Г-мрежи низ целиот континент под сомнение дека се за шпионажа.

Уште во 2009 година, британската тајна служба Ми5 дистрибуирала документ од 14 страници на стотици британски банки, компании и финансиски институции под наслов „Заканата од кинеската шпионажа“. Во документот се наведува дека кинеските разузнавачки служби се обидуваат да ги негуваат „долгорочните врски“ и да искористат „ранливости како што е сексуалниот однос… за да вршат притисок врз поединците за соработка со нив“. Значи, бракот со кинеска жена е сомнителна комбинација уште од самиот почеток.

„Еуобсервер“ доби некои внатрешни информации од белгиската Служба за домашна безбедност, Веилигид ван де Стаат (ВССЕ), која открива дека ВССЕ рутински собирала информации за потенцијалните кинески и руски сексуални односи без обврски. Инаку, задачата на службата е да ги штити вработените во ЕУ и во НАТО, кои живеат во Белгија.

Од многумина во дипломатската служба беше прекршена 11-та точка. И многу операции завршија како „долгорочни“. „Тој не бил заинтересиран за ништо друго освен за пари и секс… притоа добил млада девојка бремена од семејството на главниот командант на Конгоската армија“, се вели во извештајот на ВССЕ од 2014 година, кој се однесува на полковник од државите-членки на ЕУ на мировната мисија на ЕУ во Африка. Покрај случајот „Сабатил“, постои пример за кинеската жена, која е осомничена од ВССЕ за научна шпионажа на белгискиот универзитет додека била во брак со белгиски бизнисмен како дел од нејзината тајна мисија.

Инвестиции во Брисел за „производство на медени стапици“

Меѓу информациите е и приказната за еден кинески претприемач, г. Ли, кој требало да инвестира скоро два милиони евра во изградбата на „Куќата на задоволството“ во дискретна област недалеку од Брисел. Ли е осомничен дека е поврзан со кинеските разузнавачи и Министерството за државна безбедност. Но неговите планови не успеале.

Преостанатите белгиски досиеја исто така упатуваат и на белгискиот благородник, кој сакал да организира забавувачи за западни дипломати, но и на сомнителните кинески и руски шпиони во неговиот замок. Досие од 2014 година на ВССЕ тврди дека тој имал многу богат љубовен живот за кој неговата сопруга (која платила за сето тоа) дури и не знаела. „Заканата дека неговата сопруга ќе ги открие неговите љубовни авантури е многу ефикасен инструмент за притисок“, се вели во документот.

И по многубројните примери се доаѓа до класичната премиса. Па, дали мажите навистина се толку наивни и дали жените се навистина заводливи змии? Приказната за стапиците со мед звучи сексистички. Прво, затоа што открива дека повеќето водечки позиции во европските служби имаат мажи што се навистина лабилни кон згодните жени. Бирократскиот свет станува здодевен и можеби на некои тешко им е да чекаат за една луда ноќ. И друго прашање што ќе остане нејасно е она што ја мотивира жената да го жртвува својот приватен живот за сопствената земја, без оглед дали тоа било долга брачна операција или за една ноќ. Одговорот ќе остане таен и приватен, како и она што се случува зад вратите на хотелските соби во главниот град на ЕУ.