Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајчо Димков поднесе оставка од местото член на Комисијата за селекција и избор на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање во Агенцијата за национална безбедност. Според него, изборот на кадри за АНБ бил компромитиран од самиот почеток и според него целиот процес бил фарса.

– Изборот на кадри за АНБ беше компромитиран од самиот почеток и повеќе се базираше на субјективни па дури и политички, наместо на објективни, јасни и однапред утврдени критериуми. Мојот впечаток е дека целиот процес беше фарса, односно имаше за цел да даде некакво покритие за претходно донесени одлуки околу кадрите кои би влегле во АНБ. Според мене имаше неколку клучни моменти врз основа на кои се направи ваков избор, односно не се постапи согласно новиот закон за АНБ. Не се реализираше тестот за интегритет кој требаше да се спроведе соогласно законот за АНБ, ниту се постапи согласно информацијата на Државната комисија за спречување корупција во однос на судир на интереси при вработувањето. Исто така од неразјаснети причини не се реализираше ниту предвиденото полиграфско тестирање – вели Димков.

Според него, клучен момент при селекцијата било и оценувањето на вработените од страна на нивните претпоставени. Тука, додава тој, беше спорен и кредибилитетот на оценувачите и нејасните критериуми за оценување, а од тоа произлезе субјективноста при оценувањето која сериозно влијаела на изборот на кандидати.

Тој вели дека за сите овие пропусти навремено реагирал во текот на процесот на селекција.

– Врз основа на погоре наведеното, но и на голем број на реакции на лица и медиуми, кои отворено ги нотираа пропустите, чувствувам обврска да се повлечам односно да поднесам оставка. Потребни се реформи во безбедносниот сектор кои ќе резултираат со ефикасни и професионални служби. Се плашам дека во моментов со ваквиот начин на работа, само се оддалечуваме од крајната цел, односно се креира нова една институција во која уште од самиот старт довербата е дискутабилна – вели Димков.

Според него, потребно е да се формира нова комисија, бидејќи, како што вели, постојната веќе го загубила кредибилитетот. Исто така, тој смета дека треба да се ревидира начинот на вршење на безбедносни проверки за да се утврди како е спроведено сегашното оценување на кандидатите.