Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, со свое обраќање утре ќе ја отвори меѓународната конференција посветена на европските интеграции, која по четиринаесетти пат ја организира Универзитетот „Американ Колеџ“ – Скопје во партнерство со Универзитетот на Рим „Тор Вергата“. Покрај министерот Димитров, ќе се обрати и амбасадорот на Република Италија, Карло Ромео.

„Иновирајќи ја Европа“ е темата во фокус на конференцијата, на која ќе учествуваат истакнати професори и истражувачи, во присуство на претставници на дипломатскиот кор.

– Министерот Димитров ќе се осврне на постигнатите договори со нашите соседи како основа и претпоставка за развој на конкурентна иновативна средина. Покрај тоа, министерот ќе зборува за предизвиците со кои се соочува современа Европа и потребата од иновативен пристап при соочувањето со истите – соопшти МНР.

Конференцијата ќе се одржи со почеток во 9.15 часот во просториите на Министерството за надворешни работи.