Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, попладнево телефонски разговараше со Дерек Шоле, посебен советник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, кој на ниво на потсекретар е надлежен за важни прашања од надворешната политика.

Разговорот се фокусираше на тековните случувања поврзани со европската интеграција на Македонија, како и можните чекори за откочување на процесот.
Вицепремиерот Димитров нагласи дека со потпишувањето на Преспанскиот договор се затвори едно од најгорливите прашања во регионот, за што заеднички се согласија дека неговиот успех е потврда не само за одлучноста и визијата на земјава, туку претставува и појдовна точка за позитивни промени и менување на перцепциите за земјите од Западниот Балкан. Постигнувањата кои следеа по Договорот, како што е членството во НАТО, треба да се надоградат и со реализација на втората стратешка цел – преговори за членство со Европската Унија, констатираа Димитров и Шоле.

Од американска страна беше потврдена поддршката за евроинтеграциите, со порака дека земјата треба да го задржи реформскиот курс, за што САД останува искрен и посветен партнер. Шоле се согласи со позицијата на Димитров дека е крајно време да се одржи првата меѓувладина конференција.

Посебниот советник Шоле честиташе за годишнината од пристапувањето во НАТО, упатувајќи искрени честитки како за земјата, така и за личниот удел на Димитров во реализацијата на ова постигнување.

Соговорниците ја реафирмираа заложбата за продлабочување на партнерската соработка меѓу двете земји заснована на заедничките цели, интереси и вредности.