Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, продолжува со реализација на неговата агенда во рамките на Генералната дебата на 74-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.

На маргините на настанот, денес тој учествуваше на работен појадок на министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан со Мачеј Поповски, заменик генерален директор во Директоратот за соседство и преговори за проширување.

Состанокот е во организација на Регионалниот совет за соработка (RCC) и на истиот се дискутираа прашања поврзани со европската перспектива и регионалната соработка во светло на заклучоците и заложбите од Самитот за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес што се одржа во Познан, Полска во јули годинава.

– Отворањето на пристапни преговори со Република Северна Македонија нуди повеќе придобивки и можности: за процесите на трансформација дома, за кредибилноста на процесот на проширување, за идните компромиси како двигател на позитивите промени, како и за неминовноста да созрееме заедно и да го забрзаме темпото кон ЕУ. Мора да создадеме чувство на заедништво и преземеме колективна акција. Стабилноста и просперитетот на земјите во регионот се меѓузависни – изјави Димитров, соопштува МНР.

Тој посочил дека како иден ко-претседавач (прва земја од Западен Балкан, заедно со Бугарија) институциите ќе дадат максимум во функција на дополнителна афирмација на европската агенда во регионот и нејзината целоисходност во регионални рамки, преку практични проекти и иницијативи од приоритетно значење на граѓаните.