Министерот за надворешни работи Никола Димитров утре во Трст ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).

Италија е претседавач и домаќин на министерскиот состанок во годината во која ЦЕИ одбележува 30 години од своето постоење. На состанокот се очекува министрите за надворешни работи да разменат мислења околу актуелните случувања, предизвици и идни активности на ЦЕИ во Регионот, и натамошната соработка на земјите.

Централно европската иницијатива ја сочинуваат седумнаесет држави од централна и југоисточна Европа, а нејзината цел, како меѓувладина платформа за консултации на високо ниво, е да ја поддржи европската интеграција на земјите-членки и регионалната соработка како меѓу земјите, така и во рамките на ЦЕИ со ЕУ.

На маргините на состанокот, предвидени се и средби на министерот Димитров со неколку свои колеги.