На маргините на Генералната дебата на 74-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, министерот за надворешни работи Никола Димитров оствари средба со неговиот колега од Летонија Едгарс Ринкевич.

Димитров во рамки на состанокот подвлече дека македонските граѓани, кои даваат широка поддршка на европската идеја, имаат големи очекувања од октоврискиот состанок на Европскиот совет. Позитивната одлука ќе биде јасна порака за нив, за регионот и за довербата во политиката на ЕУ кон Балканот.

Министерот Ринкевич изрази безусловна подршка на нашите определби за зачленување во ЕУ и НАТО. Со оглед на постоечкиот моментум, посочи дека ЕУ треба да даде позитивен сигнал, што ќе биде добро и за ЕУ, за стабилноста на регионот и за кредибилноста на политиката на проширување.

Соговорниците разговараа и за динамиките поврзани со нашето пристапување кон Алијансата во светло на лондонскиот НАТО самит.

Министерот Димитров и министерот за надворешни работи на Тунис Кемаис Зинаи го потпишаа Протоколот за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји.

Дипломатските односи со Република Тунис ќе доведат до воспоставување на политички дијалог и создавање на можности за интензивирање на економската и културната размена, како и на соработката на мултилатерален план.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот за надворешни работи на Ерменија Зохраб Мнацаканјан го потпишаа Протоколот за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји.

Воспоставувањето на дипломатските односи со Ерменија ќе придонесe кон продлабочување на севкупната соработка меѓу двете земји. Со формализирањето, се овозможуваат нови перспективи за развој на политичкиот дијалог , интензивирање на културната и економската соработка, како и почеста мултилатерална комуникација.

Основи за поинтензивна соработка беа воспоставени и со Грузија. Министерот Димитров и министерот за надворешни на работи на Грузија Давид Залкалиани потпишаа Протокол за соработка меѓу двете министерства и разговараа за унапредување на односите преку политички консултации, визна либерализација, бизнис посети и мултилатерална соработка.