Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој е во посета на Франција, се сретна со Амели де Моншален, државен секретар во Министерството за Европа и надворешни работи, задолжена за европски прашања, и со Клеман Бон, советник за Европа во кабинетот на претседателот Емануел Макрон.

– Во разговорите беа разгледани аспектите од билатералната соработка, како и заедничките стратешки определби за европска и евроатлантска интеграција на Северна Македонија и Регионот. Од наша страна беше истакнато дека добивањето позитивна одлука за Северна Македонија за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ е уважување и конкретно вреднување на очигледните резултати и постигнувања, а што истовремено ќе создаде нов импулс за нас, но и за целиот регион и за ЕУ – соопштија од МНР.

Министерот Димитров нагласил дека со Преспанскиот договор „успеавме со нашите грчки пријатели да постигнеме вистински европски компромис во регион каде тешко се прават компромиси“.

– Нашата цел е да станеме европска земја, а тоа пред сè значи владеење на правото. Имаме голема шанса за заеднички успех во октомври – рекол Димитров.

Слични пораки Димитров упатил и на средбите со Салваторе Серавале, заменик Генерален секретар во Секретаријатот за европски прашања при Владата на Франција и со сенаторот Ален Ришар, а исто така и обраќајќи се до француската јавност, како и во контактите со реномираните медиуми, весниците Le Monde и Le Figaro, порачувајќи дека треба да се искористи оваа историска шанса, и во октомври Македонија и ЕУ да го заокружат и забележат заеднички успех со одлука за отпочнување пристапни преговори со Унијата.

За време на престојот, Министерот Димитров се сретна и со претставници на нашата дијаспора, кои меѓу другите гости присуствуваа на свечениот прием во Амбасадата на Република Македонија во Париз по повод 8 Септември.

Веднаш по работната посета на Париз, министерот ја продолжува работната турнеја фокусирана на европските аспирации и очекувања на Република Македонија во пресрет на октомвриските Совети на Унијата, со работна посета на Брисел на 10 и 11 септември, а последователно и на Берлин на 12 и 13 септември.