По вчерашните средби и активности во Париз, министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска продолжува со европската турнеја и тоа првично со работна посета на Брисел што ќе трае до утре, а последователно и на Берлин, до 13 септември. Во фокусот и на овие средби, во клучниот период за европската иднина на  Македонија, ќе бидат изгледите и чекорите кои се прават за позитивна одлука на Советот на ЕУ во октомври.

Во Брисел е предвидено Министерот да учествува на работен состанок со амбасадорите на земјите-членки при Европската унија (КОРЕПЕР), на кој ќе ги претстави тековните активности на земјата во пресрет на Советот, ќе потсети на севкупните постигнувања на земјата во изминатиот период и ќе побара носење на одлука за почеток на пристапните преговори.

Министерот ќе учествува и на настан организиран од страна на German Marshall Fund во Брисел посветен на патот на Република Македонија кон европската и евро-атлантската интеграција. Ќе се сретне и со високи претставници на европските институции, меѓу кои и еврокомесарот Јоханес Хан, а ќе присуствува и на приемот по повод Денот на независноста – „8 Септември“, кој го организираат дипломатско конзуларни претставништва на Република Македонија во Брисел.

Во Берлин пак, предвидени се низа работни средби, меѓу кои и со германскиот МНР Хајко Мас, државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот и со други претставници од Министерството на СР Германија, како и со повеќе пратеници од Бундестагот, со претставници на Канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел и други релевантни соговорници. За време на посетата, планирано е и учество на министерот Димитров на работен појадок организиран од страна на Фондацијата Körber.