Согласно актуелната временска состојба и хидролошка информација од УХМР, како и можноста за серија на обилни врнежи од дожд над 50л/м2, а во крајните западни и југоисточни делови над 70л/м2, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) будно ја следи состојбата со зголемена мобилност и подготвеност на постојаниот состав на силите за заштита и спасување.

-Доколку врнежи паднат за краток период на одредени помали сливни површини, можна е појава на локални излевања, па соодветно на тоа посочуваме внимателно движење покрај водотеците и суводолниците, во крајниот запад, југо-запад и северо-запад, каде постои можност од локални излевања и можна појава на свлечишта и одрони, особено на патниот правец Маврово-Дебар-Струга- е наведено во соопштението.

Покрај овие региони за особена внимателност, од можна појава на локални излевања, ДЗС ги посочува, сливовите околу планината Кожув и Гевгелиско-Валандовскиот крај.

-Сите активности на следење и известување за моменталната хидролошка состојба се вршат во склад со Националниот план за заштита од поплави. Силите за заштита и спасување од поплави се во оперативна состојба за нивно можно ангажирање, а материјално-техничките средства и опрема со која располага за оваа намена Дирекцијата за заштита и спасување се во функција- се вели во соопштението.

Претходно, согласно Законот и најавата од УХМР, Дирекцијата за заштита и спасување ги извести и предупреди своите подрачни оделенија и единиците на локалната самоуправа за потребата за преземање на мерки и активности во својот делокруг.

Дирекцијата за заштита и спасување е во постојан контакт и соработка со другите надлежни субјекти заради координирано делување и справување со можните појави на поплави и за истото навремено ке ги известува медиумите и населението.