Поради зачестените полски и шумски пожари деновиве, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) преку соопштение упати апел и предупредување до сите кои работат или се движат на отворен простор да не палат огнови.

– Апелот посебно се однесува на земјоделците кои интензивно се подготвуваат за пролетната сеидба и ги чистат и палат отпадоците и стрништата на нивите, а се однесува и за оние кои се движат и работат во шумите, на излетниците, но и на сите граѓани, бидејќи доволно е само мала искра за да се потпали сувата трева или околната нискостеблеста вегетација, посочуваат од ДЗС.

Оттаму велат дека граѓаните не треба да палат отпад и друг горлив материјал и да не фрлаат отпушоци од цигари и догорчиња, а доколку забележат пожар на отворен простор граѓанска должност на секој граѓанин е најбрзо што може да го пријави во надлежните институции. Од брзината на јавувањето, содржината и точноста на информации зависи и исходот, односно успехот на акцијата за гасење на пожарот.

Дирекцијата за заштита и спасување внимателно ја следи ситуацијата со пожарите во државава и реагира онаму каде што е потребно, во интерес на граѓаните и животната средина, се вели во соопштението од ДЗС.