Многу често дури и тригодишни деца наместо да ги знаат ликовите од цртаните филмови, повеќе ги знаат политичките ликови и нивните партиски слогани и пораки. Понатаму, низ годините, тенденцијата само се засилува

Додека во демократските напредни земји ниту возрасните не се оптоваруваат со дневно-политичките теми, во Македонија политиката е длабоко навлезена во секоја пора на општеството, така што нејзиното влијание го чувствуваат дури и најмладите. Па така, многу често дури и тригодишни деца наместо да ги знаат ликовите од цртаните филмови, повеќе ги знаат политичките ликови и нивните партиски слогани и пораки. Понатаму, низ годините, тенденцијата само се засилува и неретко настануваат ситуации каква што неодамна на својот фејсбук-профил ја опиша еден средношколец од Виница.
– Како да останам во држава каде што корупцијата е на прво место!? Саботажа на младински избори!? Сакате да одиме во Европа? Со вакви подли постапки? Потоа се чудите зошто губите таленти и луѓе кои се залагаат да направат нешто подобро. Отсекогаш сум сакал да направам нешто добро за оваа држава, но по ова како? Потоа сакате младите да се активираат? Па вие толку политички се мешате и ги труете младите, што на крајот никој нема да остане! – пишува на Фејсбук виничкиот средношколец, кој вели дека политиката се вмешува и при изборот на претседатели на младински организации во училиштата.

Мешањето на децата во политиката е особено изразено во предизборниот период, кога неретко може да се забележат деца на партиските митинзи, иако за ваквите појави постојано реагираат и невладините организации и бараат децата да бидат исклучени од политичките збиднувања.
Токму и Законот за заштита на децата во член 12, став 4, забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.
– Кај нас денот почнува и завршува со политика. Од сите телевизии сме бомбардирани со вести, дебатни емисии, а во меѓувреме со турски серии. И тие деца, наместо да гледаат некоја образовна програма на телевизија, која патем никаде ја нема, гледаат политички глупости. А токму најмалите се како сунѓери, впиваат сè што ќе видат – вели Јордан П., татко на малолетно дете.

Тој уште додава дека и родителите, но и дедовците и бабите, носат голем дел од вината за „политизирањето“ на нивните деца.
– На работа сум до 16 часот, во меѓувреме детето ми го чуваат моите родители, односно неговите дедо и баба. Тие сакаат да гледаат вести, по можност на сите телевизии и на секој час, така што детето непотребно се оптоварува со политика речиси цел ден – додава Јордан П.

И социолозите се со став дека децата премногу ги заморуваме со политика.
– Веројатно големите општествени проблеми се рефлектираат и кај децата и кај возрасните. Возрасните треба да се оптоварени со тие проблеми и треба да ги решаваат, додека децата нема потреба да се заморуваат со такви работи. Премногу има политика насекаде и заради тоа треба да ги заштитиме децата – смета Петар Атанасов, социолог.
Според него, децата се уморни од политика, а проблемите што возрасните не ги решаваат, подоцна резултираат, меѓу другото, и со масовното иселување на младите.
Од невладините организации сметаат дека децата мора да бидат заштитени од политиката.

– Местото на децата е надвор од политиката. Тие имаат право на безгрижно детство, ослободено од дневно-политичките случувања. Бараме од надлежните институции сериозно да се зафатат со детектирање и соодветно санкционирање на сите што ги злоупотребуваат децата и малолетниците во политички и изборни цели – е ставот на Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.

[email protected]