Карикатура: Нова Македонија

Прашањето за недостатоците на Преспанскиот договор неодамна (одново), на невообичаено многу високо ниво, го постави и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин. Зошто токму сега од нив и на ваков начин беа лансирани во јавноста дијагнози за „сериозни дефекти“ на Преспанскиот договор? „Нова Македонија“ побара став од кабинетите на Грција и на Германија, од институции на ЕУ, од повеќе амбасади во земјава, како и од странски аналитичари и политичари, за идентификување на „дефектите“ од договорот, кој токму од меѓународната заедница беше прогласен за историски?!

Помина повеќе од една година од потпишувањето и усвојувањето на Преспанскиот договор, кој предизвика длабоки промени во политичкиот, правниот и социокултурниот систем на Македонија, но и разбуди длабоки антагонизми меѓу граѓаните. Поддржувачите и критичарите на спогодбата сѐ уште се обидуваат да ја уверат јавноста во валидноста на двата дијаметрално спротивни ракурси. За едните, договорот ни ги отворил евроатлантските врати, а за возврат сме морале да се откажеме „само од името“, додека идентитетот и јазикот ни биле „забетонирани“. Другите, пак, нагласуваат дека во името на евроатлантските интеграции сме жртвувале премногу, односно дека сме се согласиле да си ја обезличиме нацијата и дека тоа ќе има долгорочни тешки последици, кои може да доведат дури и до самоуништување.

Меѓународната заедница, поточно Западот, уште од самиот почеток застана во одбрана на договорот, кој го прогласуваше за историска шанса за напредок во добрососедските односи, па дури и за модел за решавање други спорови. Такви оцени своевремено добиваше и Дејтонскиот договор, со кој заврши војната во Босна, за потоа да се нагласуваат неговите дефекти. Слично, откако поминаа сите контроверзии за ратификацијата, денес сѐ почесто и погласно се зборува за „вградените дефекти на договорот од Преспа“.
Прашањето за недостатоците на договорот на многу високо ниво неодамна (одново) го постави и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин.

– Разговаравме за прашањата на Балканот. Канцеларката ги знае моите размислувања дека договорот од Преспа е договор со сериозни дефекти, но дефекти што можат да се ублажат преку целокупната европска перспектива на Западен Балкан – изјави Мицотакис.

„Нова Македонија“ се обрати до кабинетите на Мицотакис и на Меркел, до институциите на ЕУ во Брисел и во земјата, до амбасадите на САД и на повеќето земји-членки на ЕУ во Македонија, како и до повеќе странски политичари и аналитичари, кои во разни наврати ги анализирале последиците од преспанскиот договор. Од нив побаравме да објаснат за какви дефекти станува збор, како ЕУ со своите позиции кон Балканот може да помогне во отстранување на овие дефекти и дали тоа ќе значи и евентуална ревизија на договорот. Оние што се одзваа на поканата за коментирање може да се поделат во две групи. Првата, во согласност со досегашните позиции на Западот кон договорот, го брани истиот тој и го квалификува како историска спогодба, додека втората ги посочува неговите недостатоци.

Германската влада на нашето прашање не влезе во содржинска анализа и идентификација на од нив споменатите сериозни дефекти, туку дипломатски даде квалификација само за формата на договорот и резултатите што се очекуваа од неговото потпишување, а имено дека го оценува како шанса за развој на добрососедските односи.

– Ставот на Федералната влада за Договорот од Преспа останува непроменет. Федералната влада многу го поздравува фактот што можеше да се постигне овој договор. Тоа е важен сигнал за развој на добрососедските односи меѓу Грција и Република Северна Македонија и модел за решавање нерешени спорови во регионот – вели Андреас Блок, портпарол на Федералната влада на Германија.
Слична позиција има и Европската комисија, која исто така го нагласува добрососедството како суштина или најважна работа на постигнатиот договор, а се игнорира приодот на договорот во кој тие ќе ги идентификуваат дефектите, било да се тие на грчката или, пак, за македонската страна.

– ЕУ силно го поздрави историскиот договор од Преспа, кој го поддржуваме уште од самиот почеток. Овој договор претставува значајно достигнување, што претставува позитивен пример за регионот и пошироко. Во тој дух, потсетуваме на важноста на добрососедските односи и ја поздравуваме посветеноста на двете страни за континуирана имплементација на Преспанскиот договор – изјави портпарол на ЕУ, кој побара да остане анонимен.

Словенечката европратеничка Тања Фајон исто така смета дека договорот од Преспа е „најголемото дипломатско достигнување на Западен Балкан по Дејтонскиот договор“, но, сепак, укажува на кревкоста, која би требало да се зацврсти со помош од ЕУ.
– Тој навистина е кревок и треба што подобро да се зајакне. Лидерите на ЕУ имаат шанса да го сторат токму тоа на самитот во октомври. Затоа ги повикувам земјите-членки на ЕУ повторно да ја искористат оваа можност и да ги отворат разговорите за пристап со Северна Македонија во октомври. Скопје ја заврши својата работа и топката сега е во рацете на ЕУ – смета Фајон.
Став за дефектите на договорот побаравме и од делегацијата на ЕУ во Македонија, но оттаму добивме одговор дека не коментираат изјави на лидери на земји-членки на Унијата.

Фото: Игор Бансколиев

За свежо споменатите „дефекти на договорот“ од страна на лидерите на ЕУ, уште лани зборуваа повеќе домашни експерти, но поларизацијата во јавната сфера беше толку голема што секаква дебата беше прогласувана за контрапродуктивна. На крајот изостана вистинска полемика за договорот и остана само констатацијата на двете страни дека „договорот во голема мера ќе ги промени државата и нацијата“.
На пример, професорката Гордана Силјановска-Давкова уште на самиот почеток нагласуваше дека Преспанскиот договор ѝ носи повеќе суштинска штета на македонската страна отколку придобивки, што би ги стекнала со евентуална и со не толку брза евроатлантска интеграција.

– Со оваа спогодба со Грција, се ставаме во позиција самите да си ускратиме некои основни права. За почеток самите си го суспендираме правото на самоопределување што е загарантирано со повелбата на ОН. Самите си го ограничуваме суверенитетот и дозволуваме Грција да ни го преуредува Уставот и да ни наложува преземање членови од нејзиниот устав. Носител на суверенитетот на македонската држава е македонскиот народ, а со оваа спогодба дел од суверенитетот се пренесува и на грчкиот народ. Едноставно самите си дозволуваме мешање во внатрешниот поредок на државата. Со политика не може да се коригира историјата – укажуваше Силјановска-Давкова.
Понатаму, грчки истражувач од „Харвард“, Ангелос Хрисогелос, за американски „Тајм“ напиша дека договорот можеби може да се смета за геополитичка победа на ЕУ, но дека во суштина претставува пораз за демократијата, зашто со него е жртвувано владеењето на правото и се оспорени сите уставни норми и принципи во двете земји. Истовремено, според Хрисогелос, договорот нема поддршка од мнозинствата во двете земји и лесно може да предизвика ескалација на тензиите, наместо помирување.
Сличен став има и американскиот професор Френсис Бојл, професор по меѓународно право на универзитетот „Илиноис“, од кого побаравме став за дефектите на Преспанскиот договор. Тој и претходно во ексклузивен разговор за „Нова Македонија“ нагласуваше дека договорот е дефектен, дека може само да ги влоши односите меѓу двете земји, како и дека би можел да се поништи со Виенската конвенција за договорно право.

– Едноставно сакам да видам мирна разврска на спорот за името. Не верувам дека договорот од Преспа ќе го постигне тоа, туку само ќе ги влоши работите – смета Бојл.
Во едно друго интервју, американскиот професор се осврнува на политичките услови под кои е потпишан и усвоен договорот, при што тој оценува: „Американците го користеа преговарачот Метју Нимиц како посредник за по секоја цена да ја внесат Македонија во НАТО и… за да ги остварат сопствените цели“. Исто така, Бојл упатува на тврдењата дека спогодбата наводно е составена „од сегашни или бивши правници од американскиот Стејт департмент, најмени од американската организација ’Брукингс’“, што, според него, само потврдува дека САД сакале „по секоја цена да обезбедат членство во НАТО“ за да ги остварат своите геополитички цели, дури и преку „наметнување на договорот“. Уште еден аспект на кој упатува Бојл е фактот што договорот првично беше претставен во јавноста само на англиски јазик, па потоа беше преведуван локално.

– Американците често прават така кога ќе договорат некоја спогодба на англиски, па потоа, за да се наметне врз странците, се преведува на локалните јазици за домашна употреба, а понекогаш преводите се лажни и извртени, како што своевремено се случи со египетско-израелскиот мировен договор, кој се преговараше под покровителство на (бившиот американски претседател) Џими Картер – вели Бојл.

Според Бојл, сето ова, односно „политичкоправните контроверзии што го следеа договорот, од потпишувањето, преку неуспешниот референдум, промулгацијата за ратификација на законот, па до политичкоправните нејаснотии што можат да се сретнат и денес, води до Виенската конвенција за договорно право“.

Интересен е неговиот став во кој тој издвојува и цитира параграфи од конвенцијата што се однесуваат на ништовноста на договорите. Тие пропишуваат дека „договорите склучени на начини со кои се повредуваат законите или Уставот на договорните страни или, пак, содржат грешки од кои произлегуваат нејаснотии, поради кои договорните страни различно ги толкуваат договорите, конечно би можеле да бидат повод за нивно поништување“. Бојл смета дека тоа се добри појдовни точки и аргументи според кои некоја идна влада, во Македонија или во Грција, би можела да бара поништување на договорот од Преспа.

– Верувам дека ова е добар аргумент од кој може да се почне анализата на слабостите вградени во овој договорен однос – нагласува американскиот професор.
Приврзаниците на договорот главно ги игнорираат таквите „дефекти“ на договорот и во рамките на таквата диоптрија ги сместуваат во категоријата „оправдани жртви за постигнување на евроатлантските цели“. Во моментот од „евроатлантските цели“, Македонија оперира само со датуми и со рокови, кои, како што покажа досегашното искуство, често се поместуваат.

Прашањето што се наметнува сега, по искажаниот став на Мицотакис, е дали влегуваме во фазата кога посилната од двете засегнати страни-потписнички на Преспанскиот договор (а, имено, Грција како членка на ЕУ и НАТО), која идентификувала сериозни дефекти, ќе бара (наметне) ревизија за да се отстранат дефектите од договорот или, пак, ние (послабата страна), врз основа на меѓународното право (повелбата на ОН) и констатираната состојба дека со договорот се суспендира правото на самоопределување и се ограничува суверенитетот, ќе бараме ревизија или ништавност. На крајот на краиштата, неизлегувањето во пресрет од страна на меѓународната заедница во врска со ветувањата за нас за НАТО и ЕУ повлекува длабок скептицизам за нивните добри намери. Вака излегува дека навистина Преспанскиот договор е дебело наметнат, за двете страни, а заради реализација на геополитички цели на големите сили, дека Грција, како нивен член, со помош на меѓународната, вака-така ќе ги санира дефектите, а Македонија, како и секогаш (историски), ќе го извлече подебелиот крај?!

[email protected]