Првата детска амбасада во светот „Мeѓаши“ денеска го прославува својот 27 роденден. „Меѓаши“ е најстарата граѓанска организација во земјава за заштита на правата на детето, основана на 29 април 1992 година во Скопје. Таа ги застапува и заштитува правата на децата, се залага за одговорно родителство и почит кон детската личност.

Меѓаши континуирано работи на зајакнување на граѓанското движење за доброто на децата и функционалност од страна на институциите во најдобар интерес на детето. Амбасадата го промовира мировниот активизам и волонтерство, развивајќи активно граѓанство засновано на принципот на ненасилство.

– Во изминатиот период (1992-2019) Амбасадата ја остварува својата дејност спроведувајќи мониторинг на детските права и промоција на правата на детето во Република Македонија и пошироко застапувајќи ги потребите и интересите на децата пред институциите и пошироката јавност, преземање иницијативи за унапредување на законската регулатива за заштита на децата во Република Македонија и нејзина имплементација како и активности за институционализација на мировното образование. Овие домени остануват од примарен интерес и во наредниот период –  информираат од оваа организација.

Клучни вредности и принципи во работењето на „Меѓаши“ се партиципација (учество, вклученост) на децата и возрасните во процесите на одлучување за прашања кои се од нивен интерес, волонтерски пристап во заштитата на правата на децата, промовирање и практикување на мир, ненасилство и почитување на ставовите и однесувањата на другите, еднакви можности за сите во остварувањето и почитувањето на нивните права, како и отчетност, одговорност и непартизираност во работењето на организацијата.

Главното мото на Детската амбасада е „Сите идеали на светот се побеззначајни од солзите на едно дете“.