Министерката за правда Рената Дескоска не може да предвиди дали по референдумот ќе се продолжи со уставни измени или ќе се оди на распуштање на Собранието. Смета дека Антикорупциска комисија треба што поскоро да се формира за да функционира во текот на изборите, но тоа е процес што, нагласи, може да го одлучи Собранието.

Одговорајќи на новинарски прашања пред трибината за Предлог-законот за спречување на корупцијата, Дескоска оцени дека текстот е задоволитетелен, но ќе биде подобрен со искуства од скриниг процесот во Брисел и со укажувањата на невладиниот сектор. 

Прифатени ќе бидат, подвлече, сите предлози што ќе значат подобар  и поквалитетен состав на Антикорупциската комисија, како и поефикасна борба против корупцијата. Притоа, најважано ќе биде што ќе се постигне консензус меѓу политичките партии.

– Агендата на Собранието не можам да ја диктирам, ниту можам сега да предвидам дали ќе се продолжи со уставни измени или ќе се оди на распуштање на Собранието. Тоа не е во овој домен во кој може со предвидливост да кажеме што би се случувало. Се согласувам дека треба што поскоро да се формира Антикорупциска комисија. Досега слушнав голем број коментари и укажувања од невладиниот сектор за законот за спречување корпуција, но не и од релевантните политички партии во Парламентот, се неколку исклучоци. Ако за нив актуелната верзија што ќе ја подобриме е задоволителна, подготвени сме да го пуштиме предлог-законот веднаш во Собранието, потенцира Дескоска. 

Потсети дека од претходните тркалезни маси произлегол предлогот членови на Антикорупциска да не бидат поранешни антикорупцинери, а во предлог-законот има и други ограничувања: членови на Комисијата да не бидат луѓе кои во последните десет години вршеле некоја политичка или државна функција. 

Еден од предлозите од минатата јавна расправа е да се забрани и донаторството, односно потенцијалните кандидати за членови на Комисијата да не биле донатори на партии. 

– Сите механизми што ќе значат деполитизација ќе ги прифатиме, во делот на критериумите, а во делот на постапката за избор, дадени се два транспарентни модела кои предвидуваат учество на невладин сектор, медиуми и на јавноста во селекцијата и интервјуирањето на кандидатите, што треба да придонесе да се изберат најдорбите и кандидати со интегритет, рече министерката.

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, пак, бара Антикорупциска комисија да се формира додека траат евентуалните предвремени избори за да нема какви било меѓупартиски преговори и договарања околу нејзините членови. Според Платформата, Комисијата треба да брои три до пет члена, а не седум како досега, и тие да се избираат јавно, со распит во Собранието што ќе се пренесува телевизски, во живо. Освен пратеници, во распитот, смета Платформата, треба да учествуваат и граѓанските организации, а претседателот на Антикорупциската мора да биде човек со интегритет.

– Знаеме колку е важно да има кој да ги контролира изборите и финансисрањето на политичките партии, а со оглед дека воинституцијата се уште има вработени и Секретаријатот функционира, веројатно ако за референдумот имало некакви нелегални активности од страна на политичките партии тоа било и нотирано, изјави Ана Јанеска Делева.