Законот што е во собраниска процедура на предлог на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е закон што е пресеопфатен, дава секаква амнестија, и сметаме дека тоа не е вистинскиот пат за решавање на ова прашање, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска во врска со негативното мислење на Владата за овој предлог-закон.

– Амнестијата што беше опфатена во тој закон беше преширока, така што ставот беше дека евентуална амнестија и други прашања од тој тип треба да се решаваат во рамки на телото за помирување во Собранието, рече Дескоска.

Во однос на тоа како ќе се прави правна селекција за 27 април, со оглед на тоа дека сите се обвинети за терористичко загрозување, и дали ќе има преквалификација на делото за тие што ќе бидат амнестирани, Дескоска рече дека можат да се исклучат определени дела што не би биле опфатени со амнестијата.

– Ако ги отворите законите за амнестија во изминатиот период ќе видите дека имате закони во кои е наведено дека се дава амнестија за дела поврзани со одреден настан освен за тоа и тоа, значи може да бидат по пат на исклучување и секако во рамките на судството и на Обвинителството е дали ќе дојде до преквалификација или не, значи можат да се исклучат определени дела што не би биле опфатени со амнестијата, рече Дескоска на настанот за почнување на твининг проектот „Јакнење на казнено-поправниот систем и пробациската служба“.

Владата вчера на седницата донесе негативно мислење за Предлог- закон за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 април 2017 година, што беше доставен од група пратеници во Собрание на Република Македонија.