Припадниците на воздухопловната бригада (вбр) од составот на Здружената оперативна команда (ЗОК), со воена свеченост која се реализира во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец го одбележаа 10 јуни – Денот на единицата.

Командантот на бригадата, полковник Роберт Малезански во обраќањето пред присутните истакна дека припадниците на вбр со својот труд, професионален однос, лојалност и одговорност при извршување на поставените задачи, покажаа дека вбр е високо организирана и функционална единица која постигнува резултати за почит.

Командантот на ЗОК, генерал-мајор Павле Арсоски честитајќи го денот на единицата истакна дека бригадата е одлично оспособена и обучена за својата мисија и задачи и за низа други предизвици со кои се соочуваше во минатото на кој секогаш одговараше со успех. Исто така напомена дека периодот кои следи е од исклучителна важност за нашето успешно пристапување и интеграција во воената структура на НАТО како и опремувањето и модернизацијата на военото воздухопловство.

Пред стројот беа прочитани честитки од Началникот на ГШ на Армијата, Командантот на ЗОК, а на припадници од вбр кои се истакнале во работата се доделени стимулативни мерки и значки. Сквадронот за борбени хеликоптери беше прогласен за најдобра единица од составот на вбр во изминатата година.

Во рамки на свеченоста, се релизираше прелет на воздухопловите и изложба на материјално технички средства со кои располага единицата.

На свеченоста присуствуваа заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, командантот на Здружената оперативна команда, генерал-мајор Павле Арсоски, команданти на командите и единиците во Армијата, поранешни команданти и припадници на единицата и други гости.

Десети јуни е одреден за Ден на вбр, денот кога е извршен првиот лет со воен воздухоплов во АРМ. Од почетокот оваа единица беше составена од авијациска бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон по што во 2005 година беше трансформирана во помала, покомпактна единица наречена воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група) која фигурира до 2012 година кога повторно се формира воздухопловна бригада во составот на ЗОК.