Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, по три години раководење со институцијата, поднесе оставка до Владата, која на денешната седница треба да ја прифати или отфрли. Дончев за „Макфакс“ вели дека планирал тоа да го направи и порано, а на прашањето зошто дава оставка во сред пандемија, вели „излегуваме од пандемијата“.

– Имав намера и порано да го направам ова. Излегуваме од пандемијата. Близок член на семејството има проблеми со здравјето, а тоа една од причините зошто сакам да ја напуштам оваа функција, односно одлуката која ја донесов е поради семејни и здравствени причини. Веќе имам кажано дека овој чекор сакав да го направам и порано. Не знам дали одлуката поминала на Влада, чекам известување – вели Дончев за „Макфакс“.

Дончев беше именуван за директор на ФЗО во август 2017 година. Претходно беше носител на листа во првата изборна единица од коалицијата „ВМРО за Македонија“. Дел од неговата биографија е и дека тој бил генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, но и поранешен директор на „Телеком“.