22-ри јули 1943 - денот кога Грција се крена против нацистите во Македонија

На денешен ден во 1943 година Грците во Атина се кренаа на протест против нацистичкиот окупатор и се спротивставија на плановите за проширување на бугарската окупациска зона кон Егејска Македонија, пишува „Грик рипортер“.

Претходно истиот месец, Адолф Хитлер побарал од бугарските власти да ја прошират окупациската зона. Бугарија до 14 мај 1941 година веќе анектираше делови од Егејска Македонија и од Тракија.

На окупираната територија била забранета употребата на грчкиот јазик, а грчките учители, свештеници, судии и власти биле протерани. Истовремено, бугарскиот окупатор се обидел и да го промени етничкиот состав на населението во корист на бугарските доселеници.

Откако ја чуле веста дека Бугарија планира да ја прошири окупираната зона кон Егејска Македонија, Грците решиле преку протести да го искажат својот револт. Првиот протест во Атина бил одржан на 13 јули, парализирајќи го градот на 24 часа. Слични протести имало и во Егејска Македонија, во Солун и во други градови. Вториот протест бил одржан на 22 јули, а броел до 400.000 демонстранти. Тие од плоштадот „Омонеја“ се упатиле кон плоштадот „Синтагма“, но биле спречени од нацистичка барикада потпомогната од италијанската коњаница и грчки соработници на нацистите.

Демонстрантите се обиделе да ја пробијат барикадата, но не успеале во тоа и биле принудени да се повлечат, оставајќи 22 мртви и стотици повредени. Во протестите учествувале голем број студенти и припадници на работничката класа. Благодарение на протестите, плановите за проширување на бугарската окупациска зона никогаш не се остварија.