Граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“ денеска со почеток во 20 часот во Домот на АРМ во Скопје организира свечена академија со која и официјално ќе заврши традиционалната дваесетта по ред манифестација „Денови на Св. Мајка Тереза“, која годинава е под знакот на 109-годишнината од нејзиното раѓање.

На академијата, која се одржува на денот на упокојувањето на Св. Мајка Тереза, на истакнати хуманисти и здруженија ќе им бидат доделени традиционалните посланија за хуманост и статуетки со ликот на Св. Мајка Тереза.

Годинешни добитници се: граѓанските хуманитарни здруженија „Банка за храна“ (претседател Душко Христов) и „Еурохуман Интернационал“ (претседател Сејфула Бектеши), Општина Центар (градоначалник Саша Богдановиќ), Месната заедница Ласкарци – Општина Сарај, Мики – Ли Мијалчиќ – заменик командир во ПС Центар, Сергеј Самсоненко – бизнисмен и хуманист, Свето Стаменов – новинар на Македонското радио – Радио Скопје, публицист и хуманист, Злате Поповски – македонски иселеник, добротвор и хуманист од Мелбурн, Австралија и 13-годишниот охридски пливачки маратонец Марко Пејчиновски.

Во музичкиот дел на манифестацијата ќе настапат Мандолинскиот оркестар при МКЦ – Скопје со солистите Вултет Назири (обоа) и Јане Дунимаглоски (тенор), под диригентство на Ванчо Јовчев, оперската певица Серафина Фантаузо, а музички партитури на виолина и пијано ќе изведат Ева и Марија Богоевски. Водител на програмата ќе биде Билјана Дебарлиева.

Инаку, манифестацијата „Денови на Св. Мајка Тереза“ започна на 26 август, роденденот на Св. Мајка Тереза, со полагањето свежи цвеќиња на спомен – плочата на местото на родната куќа на Гонџа Бојаџиу – Св. Мајка Тереза во центарот на Скопје и пред нејзиниот споменик на улица „Македонија“, а потоа во Домот на АРМ беше отворена изложба на ликовни дела и фотографии посветени на Гонџа Бојаџиу – Св. Мајка Тереза и на фотографии на старо Скопје и беше промовирана збирката песни „Со почит кон Мајка Тереза“ од група автори.