Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пред Собранието на Македонија вечерва се одржа мирен протест под мотото „Никогаш Северна, секогаш Македонија“ организиран од Млади на Македонија.

Протестот беше организиран против Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство. Учесниците на протестот повикаа за одбрана на уставното име на Македонија.

– Ќе се бориме со сите демократски средства за поништување на срамниот Договор. Излегуваме да го заштитиме името, идентитетот и државата Република Македонија, истакнаа организаторите на протестот.

Тие носеа транспаренти „Никогаш Северна, секогаш Македонија“ и најавија кривична пријава за директорот на Бирото за јавна безбедност поради употреба на прекумерна полициска сила како и интерпелација за министерот за внатрешни работи.

– Бараме од пратениците да употребат институционални и вонинституционални мерки за отворање дебата за нерационалното решение што ни се наметнува. Ги повикуваме и граѓаните да спречат понатамошно кршење на Уставот и сме против двосмислено референдумско прашање за името – нагласија тие.

Апелираа и до медиумите да известуваат непристрасно од протестите.

Според објавеното на Фејсбук, Млади за Македонија се изјаснуваат за студенти од сите политички спектруми обединети под една цел – одбрана на името на татковината Македонија.