Пратениците во Собранието со мнозинство од 66 гласови дадоа зелено светло за Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк.

Со изгласувањето на овој Закон нашата држава го доби четвртиот национален парк по прогласувањето на последниот во 1958 година и првиот по осамостојувањето.

Министерoт за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, истакна дека со прогласувањето на Шар Планина за заштитено подрачје се стави под заштита и се овозможи воспоставување на систем за одржливо управување на подрачје кое е ризница на биодиверзитетот, дом на две третини од сите растителните видови во Северна Македонија и богат и ендемичен растителен и животински свет.

– Шар Планина располага со исклучителни природни убавини, геодиверзитет, хидролошки карактеристики, пејсажни, пределни и културни вредности. И што е најважно, очекувам дека со со овој чекор отвараме една нова страница и нови можности не само за заштита на нашето природно наследство, туку и за одржлив социо-економски развој на подрачјето и на државата, за воспоставување на поширока прекугранична соработка, за користење на нови финансиски можности и за развој на локални брендови и разни форми на туризам и зајакнување на продажната моќ – рече Нуредини.