Центарот за управување со промени (ЦУП) во соработка со Институтот за човекови права од Скопје, Фондацијата „Егалите“ од Камењане и Центарот за компаративни и меѓународни студии од Тирана по повод на Меѓународниот ден на жената – 8 Март остварија деловна средба за вмрежување на бизнис жени од регионите на Полог и Елбасан, која денеска и утре се одржува во Охрид.

Деловната средба е дел од едукативните бизнис средби во рамки на проектот „Развој на микро-претпријатија на жени во прекуграничниот регион“, што е поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Од Центарот за управување со промени соопштуваат дека целта на средбата е преку претставување на компаниите од регионите на Полог и Елбасан и споделување на искуствата на бизнис жените од овие региони да се разгледуваат можностите за нивно деловно поврзување и соработка во секторите во кои работат, но и за да ги охрабри жените претприемачки за поголемо учество во бизнис секторот и поголем придонес во развојот на економијата на двете земји.

Од ЦУП наведуваат дека жените во споменатите региони, сè уште не се сметаат за вреден потенцијал во бизнисот и извор на приход за семејствата.

-Во овие региони преовладуваат предрасудите дека жените не можат да бидат подеднакво добри како мажите во бизнисот. Жените и младите девојки често се советуваат да останат дома и да бидат посветени исклучиво на домашните обврски, како единствена важна улога која ја имаат жените во општеството – соопштуваат од Центарот.

Раководителката на проектот од Центарот за управување со промени (ЦУП) – Скопје нагласи дека денешната средба има особено значење во делот на запознавање на жените и нивните бизниси, нивните идеи за бизнис од двете страни на границата и развивање на можности за идна соработка.

-Морам да признавам дека во текот на проектот ние се уверивме дека жените од овие два региони многу малку се познаваат, малку патуваат и многу малку се ориентирани кон развивање на бизнисот од другата страна на границата. И покрај тоа што се многу блиску едни до други – истакна  раководителката Стефковска Вељановска.