Претставници на градската администрација денеска остварија повеќе средби со претставници на приватните превозници приклучени во јавниот градски превоз во Скопје. На средбата беше дискутирано за потребните мерки кои траба да се спроведат во согласност со актуелната состојба со коронавирусот и препораките од надлежните институции за превенција и заштита од вирусот.

На средбата присутните беа информирани за преземените мерки на ЈСП „Скопје“, каде што деновиве возилата интензивно се дезинфицирааат со распрскување соодветни средства на база на алкохол и „дезинтал 10 отсто“, а се врши и рачна дезинфекција на одделни делови од возилото, како што се ракодржачите и слично. Секое возило се третира со дополнителната дезинфекција еднаш, пред вклучување на линијата или потоа, во зависност од динамиката и распоредот на сообраќање во јавниот превоз.

Како дополнителна мерка, од утре (12.3.2020 година, четврток) автобусите на јавниот превоз ќе сообраќаат според редуциран возен ред, идентичен на возниот ред што важи за време на зимскиот, односно летниот училишетн распуст. Редуцираниот возен ред се воведува во согласност со актуелната состојба со коронавирусот, намалениот број корисници на јавниот превоз и како една од мерките и препораките за превенција од ширење на вирусот. Редуцираниот возен ред ќе важи во наредните две недели, односно до наредните препораки од надлежните институции.

Дополнително, пратен е и допис до сите претставници на приватните превозници, кои се вклучени во јавниот сообраќај во Скопје за интензивирање на активностите за чистење и дезинфикација на нивните возила, како и за потребата за редуцирање на возниот ред кај приватните превозници.