И покрај препораките за превенција и однесување во однос на можноста за откривање на коронавирусот во земјава, од страна на Министерството за здравство, но и информациите од СЗО и светските медиуми, првичната реакција на граѓаните сепак беше донекаде панична.

– Чуден е феноменот на панична психоза од болести кај граѓаните. Како одговорни за функционирање на здравствениот систем во државава подготвено ги спроведуваме потребните мерки на заштита и ги применуваме сите препораки на СЗО за справување со коронавирусот. Но од претходните искуства во справувањето со закани од епидемија од други вируси, како карактеристична ситуација би го илустрирал искуството од периодот кога беше актуелен свинскиот грип. И тогаш се создадоа голема паника и притисок од јавноста за да се набават вакцини против свинскиот грип. Но кога 10.000 вакцини беа донесени во земјава, никој не сакаше да се вакцинира против свински грип – тврдат извори од Министерството за здравство.

Инаку, првото утро по прес-конференцијата на која беше кажано дека во Македонија (и официјално) стигна коронавирусот е забележана помала фреквенција на патници во скопскиот јавен превоз, а во институциите што работат со странки речиси неодминливо во конверзацијата беше споменувањето на загриженоста од корона вирусот.

Споредбените анализи на бројот на патниците што секојдневно ги прават во ЈСП не укажуваат на некоја драматична разлика во бројот на корисниците на јавен превоз, во средата (26 февруари) кога „пристигна“ коронавирусот (197.686), со истиот ден од претходната седмица (19 февруари), кога со автобусите на ЈСП се возеле 198.576 патници. Од ЈСП велат дека по подигнувањето на алармот од коронавирусот, преземаат дополнителна дезинфекција на возилата вклучени во јавниот превоз, како и на кабините на жичницата. Секој автобус по завршувањето на смената и утврдената маршрута ќе биде дезинфициран со соодветно средство на база на алкохол и десетпроцентен дезинтал, односно со распрскување ќе се третира внатрешноста на автобусот, а рачно ќе се дезинфицираат и одделни делови од возилото, како ракодржачи и слично.