Транспортен хеликоптер МИ-8/18, од воздухопловната бригада на Армијата на Република Македонија, традиционално и оваа година го донесе Дедо Мраз на воениот дел од меѓународниот аеродром Скопје, во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.

Дедо Мраз подели повеќе од 500 новогодишни пакетчиња на деца од загинатите припадници на воздухопловната бригада, како и на вработени во оваа бригада и останатите команди и единици на АРМ и Министерството за одбрана.

Оваа традиционална предновогодишна манифестација во организација на припадниците на воздухопловната бригада годинава беше збогатена и со настап на денс-студио „Мак“ од Куманово и културно уметничкото друштво „Гоце Марковски“ од Скопје.