Како Македонија да се справи со напливот на лажните вести кога се наоѓаме во изборна година, дали е можно оваа појава на каков било начин да влијае на претседателската трка и како да се превенира и спречи тоа?

Овие дилеми повторно станаа актуелни во домашната јавност, по информацијата што неделава ја публикува британскиoт магазин „Сандеј тајмс“, која вели дека во Македонија некој ја фалсификувал интернет-страницата на Би-би-си.

Во текстот на британскиот медиум се наведува дека неодамна во Македонија никнал лажен сајт, кој се обидел да го имитира најпознатиот англиски медиум Би-би-си.

Притоа, на лажниот портал биле објавувани вести со неточни содржини, поврзани со политиките на Доналд Трамп што пропагирале антиисламска идеологија.

– Истрагата покажала дека сајтот „Би-би-си – едишн“ функционирал повеќе од два месеца и можно е оваа интернет-страница, која е од Македонија, да дејствува во рамките на поголема мрежа што публикува сензационалистички вести за кои заработува пари од интернет-реклами – пренесоа британските медиуми.

Во меѓувреме, во Македонија веќе приближно два месеца сѐ уште трае истрагата за уште еден случај, каде што припадници на АРМ и воени разузнавачи најверојатно учествувале во креирање лажни вести.

Претставници на АРМ во изјава за „Нова Македонија“ неодамна информираа дека поради специфичноста на случајот, во тек се законски активности со кои се испитува учеството на поединци и нивна можна поврзаност со повеќе други лица во случајот со лажни вести.

Оттаму истакнаа дека, според законот, надлежни комисии ја спроведуваат истрагата околу случајот, постапуваат во рамките на нивните надлежности и се очекува тие во скоро време да ги презентираат своите наоди.

– Кога ќе завршат истрагите за случајот, кои во моментов се во тек, ние ќе излеземе со соодветни информации што се поврзани со случајот, ќе ги доставиме до јавноста и, во зависност од исходот, ќе следуваат сите други потребни мерки – објаснија од АРМ.

Во меѓувреме, наспроти посочените случаи поврзани директно со Македонија, лажните вести се во фокусот на истражувањата во целиот свет последните две години, бидејќи, како што велат аналитичарите, тие во голема мера влијаат на јавното мислење.

Арик Чоудари, британски експерт за Интернет и политика и извршен директор на институтот „Веб рут демокраси“, оценува дека 2019 година ќе биде пресудна во борбата со лажните вести.

Овој британски експерт во својата анализа за светските случувања го истакнува и фактот дека договорот за името на Македонија бил една од темите што се користеле на Интернет за пласирање лажни вести.

Според Чоудари, изминативе години продавачите на лажни вести „си ги научиле грешките и допрва политиката и дигиталната моќ ќе се судрат во совршена бура во оваа област“.

Дарко Булдиоски, интернет-консултант од „Њу медиа“, вели дека кога се говори за проблемот со лажните вести во Македонија, мораме да знаеме дека тој е многу сериозен и комплексен и сам по себе подразбира две димензии.

Според експертот, првата димензија е дека во земјава де факто постојат одредени групи, како на пример велешката и кумановската или, пак, онаа во АРМ, кои преку интернет-сајтови за финансиска корист продуцираат лажни вести.

– Нив не ги интересира политичкиот импакт во земјите од кои заработуваат, туку главниот мотив и двигател за лажните вести им се само финансиите – вели Булдиоски.
Тој објаснува дека феноменот на лажни вести подразбира и втора димензија, која е тесно поврзана со македонската политика.

Според него, станува збор за ситуација во која преку одредени интернет-портали со слаб кредибилитет се пласираат одредени информации во серија, кои потоа ги преземаат и посериозните медиуми, а сето тоа зад себе има политичка заднина.

– Овие, условно кажано, непроверени информации или лажни информации пласирани во македонскиот интернет-простор ги туркаат медиумите што се блиски до партиите и нивна единствена цел е тие да влијаат врз мислењето на граѓаните, не само во изборните години туку константно и генерално – вели експертот.

Тој оценува дека против првата димензија на проблемот државата реално и може да се бори и да ја сузбие, а, од друга страна, втората димензија на проблемот е многу потешка за отстранување, бидејќи политичкото влијание во неа го отежнува процесот на сузбивање.