Архива / Фото: маја Јаневска-Илиева

ВИКЕНДОВ ПРАВОСЛАВНИТЕ ХРИСТИЈАНИ ГИ ОДБЕЛЕЖУВААТ ЗАДУШНИЦА И ДУХОВДЕН

Свештениците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија веќе неколку години апелираат верниците да му се посветат на христијанскиот начин на одбележување на Задушница и на Духовден

Овој викенд православните христијани ги одбележуваат Задушница и Духовден, а традиционално секоја година во овие денови е забележана масовна посета на гробиштата низ земјата.

Задушница, кога се слави споменот на починатите, се паѓа секогаш во саботата пред Духовден, кој се слави секогаш во недела и го означува слегувањето на Светиот Дух.
Свештениците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија веќе неколку години апелираат верниците да ги напуштат овие обичаи и да му се посветат на христијанскиот начин на одбележување на Задушница и Духовден.

Велат дека верниците треба да ги слушаат свештениците, кои изминатите години постојано зборуваат дека задушницата се состои во молитвено застапништво за починатите, а не во тоа колку количество храна ќе се раздаде на гробиштата.
– Во текот на годината има денови задушници, кога се посетуваат гробовите и црквите за починатите и за принесување жртви за нивното спасение и за поправање на состојбата во која тие се наоѓаат во задгробниот живот. Самиот збор задушница, значи за душата. И според оваа терминологија, тоа подразбира принесување жртви и молитви. Под принесување жртва се подразбира варена пченица и вино и во некои краишта се принесува и леб. И на тоа се ограничува принесувањето на жртвата, зашто во православната жртва има само бескрвна жртва. Раздавањето храна е непотребно и не е задолжително и тоа не треба да се практикува, исто како и останувањето навечер на гробовите. Сето тоа не е во духот на православната вера – објаснува отец Митевски.

Според православната црква, постојат три задушници. Првата во годината е пролетната задушница, која се поврзува со почетокот на велигденскиот пост, односно саботата пред почетокот на постот. Потоа, следува духовденската задушница, која се одбележува во саботата пред празникот Духовден, односно на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. На крајот од годината следува митровденската задушница, пред празникот Митровден.

Петокот пред Задушница, пак, е прогласен за неработен ден од 2007 година, како ден пред Задушница, со цел граѓаните да можат да се подготват за претстојниот ден.
Православните христијани в недела го слават еден од 12-те најголеми христијански празници, празникот Духовден.

Свештениците велат дека е наречен уште и Педесетница и тој е еден од најрадосните и најсветли празници во православието, во кој се слави слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на педесеттиот ден од Христовото воскресение.
– Овој празник, всушност, означува роденден на црквата, зашто со слегувањето на Светиот Дух се основа црквата, се собираат апостолите и сите оние што поверувале и биле крстени од нивна страна, сите се собираат во едно тело, чија глава е самиот Господ Исус Христос – додава свештенството.

Граѓаните честопати ги изедначуваат празниците Задушница и Духовден, како денови на еден ист празник посветен на мртвите. Во суштина станува збор за сосема два различни дена, со различни црковни значења.

Теолозите велат дека нашиот народ ги помешал овие два празника, па така голем дел од нив го поврзуваат Духовден со „духови“ и сметаат дека духовите на умрените стануваат од гробовите на овој ден и шетаат низ гробиштата.
– Задушницата со празникот Духовден нема никаква врска, освен тоа што се поврзани календарски. Суштински, православно, Задушница е сосема нешто различно од празникот Духовден. Духовден е празник на Светиот Дух, а не на духовите или нешто слично, затоа нема ниту поента одењето и седењето на гробиштата навечер во пресрет на Духовден. Тоа е останато од паганската традиција – објаснуваат теолозите.