Денеска се одбележуваат дванаесет години од хеликоптерската несреќа, кај село Блаце, Катлановско, во која загинаа единаесет припадници на воздухопловната бригада на АРМ.

На одбележувањето на хеликоптерската несреќа на спомен обележјето во Катлановско Блаце, цвеќе ќе положат повеќе делегации од Генералштабот, од Министерството за одбрана, од Општина Петровец, Командата за операции, од воздухопловниот ВИНГ, првата пешадиска бригада и членовите на семејствата на загинатите припадници.

Припадниците на воздухопловниот ВИНГ ќе го одбележат настанот со полагање цвеќе на спомен обележјето пред командата во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.

Единаесетте македонски мировници загинаа на 12 јануари 2008 година, на враќање од мировна мисија „Алтеа“ во Босна. Во несреќата загинаа Тони Спасовски, Горан Ристовски, Бране Спасовски, Игор Ѓорески, Славчо Василев, Тони Давитковски, Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и Златко Вељановски.

Хеликоптерот МИ-17 со кој тргнаа на последниот лет требаше да слета на воениот дел од скопскиот аеродром. Спомен обележјето е поставено точно на местото каде се урна армискиот хеликоптер.