Синод на МПЦ Фото: Игор Бансколиев

Откога минатата година МПЦ-ОА и Владата испратија писма до Вселенската патријаршија со барање за заложба за признавање на автокефалноста, на што Вселенскиот патријарх изрази подготвеност за решавање на ова прашање, сѐ уште се тактизира околу продолжувањето на овој процес

Да се чека на одговор од Вселенската патријаршија или да се биде проактивен во контактите со патријаршијата во Истанбул и со другите православни цркви во барањето решение за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија? Ова е дилемата која се поставува во јавноста откако Вселенската патријаршија, и покрај најавите, сѐ уште тактизира со процесот на признавање на МПЦ.

Дел од јавноста смета дека МПЦ треба да има проактивна улога и да бара почести средби со претставниците на Вселенската патријаршија, но и со преостанатите цркви, за да ги запознае лично со барањето испратено до патријархот Вартоломеј, но и со реалниот црковен живот на МПЦ. Преостанатите, пак, се со став дека со самото испраќање на писмото до патријархот Вартоломеј, МПЦ покажала проактивност и дека сега сѐ е во негови раце.

Имено, минатата година, МПЦ-ОА и Владата испратија писма до Вселенската патријаршија со барање на заложба за признавање на автокефалноста, по што Вселенскиот патријарх изрази подготвеност за решавање на ова прашање.
Владиката Тимотеј, воедно и портпарол на Синодот на МПЦ, вчера истакна дека засега нема никакви најави за преземање какви било чекори во насока на официјални преговори со Вселенската патријаршија.

– Состојбата е јасна. Чекаме поместување од страна на Вселенската патријаршија. Но немаме најави за никакви преговори – објасни владиката Тимотеј.

Бранко Ѓорѓевски е еден од верските аналитичари кои сметаат дека преземањето активност во редовите на МПЦ во моментов не би донело ништо конкретно.

– Сега е потребно смирување на односите. Очигледно патријархот Вартоломеј не сака да го обвинат дека ги урива каноните и во случајот со МПЦ, како што беше во случајот со признавањето на Украинската православна црква. Вселенската патријаршија позитивно одговори на барањето на премиерот Зоран Заев, наведувајќи дека презема одговорност за прашањето на Охридската архиепископија. Очигледно има некои причини зошто патријархот Вартоломеј изминатиот период се повлече – образложи Ѓорѓевски.

Последната изјава на Вселенскиот патријарх во однос на МПЦ беше во интервјуто дадено за српска „Политика“ пред месец и половина, во кое не даде конкретни детали дали и како ќе постапи по случајот со МПЦ-ОА. Притоа, тој истакна дека Вселенската патријаршија никогаш не ги пречекорила границите на другите цркви, освен ако за тоа не постојат соодветни услови и поголема црковна потреба.

Инаку, МПЦ останува на ставот дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.

[email protected]