На работниците им се потребни работата и платата за нормален живот - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Протестите за рудникот „Иловица-Штука“ ескалираат, неопходно е рационално решение

Во текот на вчерашниот ден продолжија протестите од двете групи. Од една страна активистите бараат прекин на секаков тип градежни зафати, стравувајќи дека тоа значи отворање на рудникот. На стотина метри оддалеченост повторно се собраа жители на селата Иловица и Штука, кои бараа да им биде дозволено да продолжат со работа за да можат да заработат за потребите на нивните семејства

Испитувањето на археолошките работи е стопирано поради протестите што започнаа во понеделникот во непосредна близина на локацијата, каде што активисти за заштита на животната средина се собраа да ја стопираат изградбата на рудникот за бакар „Иловица-Штука“.

– Ние од Заводот ја прекинавме работата на терен во интерес на безбедноста на луѓето што се ангажирани да работат на местото за кое има индиции дека има археолошки остатоци. Се надеваме дека работите наскоро ќе се расчистат и ќе продолжиме со испитувањата. Нас никој не нѐ прашал дали сме за изградба на рудникот или не, иако имаме право на глас. Сепак, наше е да испитаме дали таму има археолошки остатоци, и тоа и го правевме. Само си ја вршевме нашата работна обврска дадена од државата – кажа Ацо Манински, директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица.

Тој посочи дека имал средба со граѓаните што се противат на изградбата на рудникот и со градоначалниците на општината Босилево и Ново Село и истакна дека наскоро очекуваат Владата да се изјасни за прашањето за рудникот, за да се надмине тензичната атмосфера и да продолжат со работните обврски на терен.

– Нашата работа е насочена кон испитувања на теренот, за кој има индикации дека има археолошки наоѓалишта. Ние работевме неколку дена, но тоа се прекина со почетокот на протестот, бидејќи сакавме да спречиме да дојде до некои поголеми немили настани меѓу активистите и работниците – додаде Манински.

Директорот појасни дека за овие истражувања биле ангажирани 10 археолози од заводот и уште 30 локални жители со помош од компанијата „Еуромакс рисорсес“, кои обезбедиле донација за спроведување на истражувањето, како и соодветна опрема и обука за луѓето што немаат искуство во областа.

Во текот на вчерашниот ден продолжија протестите од двете групи. Од една страна се активистите што бараат прекин на секаков тип градежни зафати, стравувајќи дека тоа значи отворањето на рудникот. Тие најавуваат дека остануваат на терен сѐ додека е неопходно, односно до укинувањето на концесијата доделена за изградба на рудникот.
На стотина метри оддалеченост од нив, повторно се собраа жители на селата Иловица и Штука, кои се најблиску до предвидената локација за изградба на рудникот, и бараа да им биде дозволено да продолжат со работа за да можат да заработат за потребите на нивните семејства. Тие, пак, истакнуваат дека економската состојба им е многу лоша, поради што им се потребни работата и платата за нормален живот.

Полицијата, како и вчера и завчера, беше присутна на теренот во поголем број, за спречување поголеми ескалации, односно да спречи соочување на двете групи. До затворањето на весникот од Владата не добивме официјален одговор, но премиерот Заев, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека „одлуката треба да ја донесе Владата, но знаете дека формалноправните услови не се исполнети“. Премиерот не беше дециден за што поточно не се исполнети формалноправните услови, дали за одземање на концесијата или, пак, за нормално почнување на работите на рудникот.
П.О.