Младиот Никола Саздовски од скопската населба Автокоманда, кој беше жртва на напад од злосторници, е погребан. Вчера во колони со возила и знамиња „комитите“ и дел од граѓаните застанаа пред Собранието и запалија свеќи за неговиот предвреме згаснат живот. Оттаму се упатија на погребот на 21-годишниот Никола, кој почина завчера. Момчето беше во кома десетина дена на КАРИЛ, откако на 29 јуни беше брутално претепан од тројца злосторници на автобуска станица во Автокоманда. Двајца од тројцата напаѓачи веќе се уапсени, а по третиот насилник полицијата сè уште трага. За настанот во кој младото момче го загуби животот не стивнуваат реакциите на социјалните мрежи. Ставот на сите е дека злосторниците треба да платат за злосторството што го направија и дека не треба да поминат неказнето. Реагираше вчера и Демократскиот сојуз, со констатација дека убиството е извршено на свиреп начин и побара јавниот обвинител, во соработка со МВР, да ги преземе сите законски активности и мерки за сторителите да преземат соодветна кривична одговорност.

– Се работи за убиство извршено на свиреп начин и обвинителството мора овој неразумен чин и така да го третира, а секој обид да се релативизира ова злосторство може да добие политичка и етничка димензија, со тешки последици по јавниот ред и мир. Ги повикуваме сите државни институции, особено јавното обвинителство и судот, да работат професионално, одговорно, транспарентно и ефикасно. Апелираме до сите граѓани и навивачки спортски асоцијации да останат присебни и воздржани, да не се конфронтираат и да не ја „земаaт“ правдата во свои раце – се вели во реакцијата на Демократскиот сојуз.
Поранешниот полициски генерал и лидер на партијата Достоинство, Стојанче Ангелов, во својот фејсбук-статус напиша: „Свирепо убиство, ништо помалку од ова не треба да биде обвинението со кое јавното обвинителство треба да продолжи да ги гони суровите и бездушни убијци, убијци што безмилосно до смрт го претепаа младиот Никола Саздовски“.