Фото: Игор Бансколиев

Нова американска студија во врска со имунизацијата

Не е јасно зошто СЗО и ЕУ не ја променат препораката за давање две дози на сите – и прележани и непрележани, кога науката е едногласна за одвишноста на втора доза кај прележаните. Токму заради придржувањето кон таквата препорака на СЗО и кај нас не е можно прележан од ковид-19 да добие потврда за завршена имунизација само со една доза, вели проф. д-р Даниловски

Нова студија, спроведена од експерти на Клиниката во Кливленд, покажува дека луѓето што закрепнале од болеста ковид-19, можеби не треба да се вакцинираат. Нашите експерти по епидемиологија коментираат дека ваквите наоди не се ништо ново, па дури и посочувале дека прележаните треба да се вакцинираат само со една доза вакцина.

Студијата покажува дека природната инфекција нуди имунитет сличен на оној што го нуди вакцината. Затоа, лицата што немале болест треба да бидат приоритет на вакцината! Научниците и истражувачите се согласуваат дека се потребни повеќе истражувања за да се знае колку трае имунитетот по болеста. Додека не се добијат овие податоци, специјалисти инфектолози советуваат луѓето што ја преживеале болеста да се вакцинираат со единечна доза.

Проф. д-р Драган Даниловски од Медицинскиот факултет вели дека научниците во Кливленд всушност воопшто ја немаат „откриено Америка“.
– Веќе е познато дека реинфекции се случуваат релативно ретко кај прележани од ковид-19. На пример, една данска студија соопштува дека реинфекција кај помлади од 60 години настанала кај нешто помалку од 20 проценти, а кај постарите од 60 години кај околу 50 проценти. Една израелска студија на 12.000 прележани здравствени работници покажала процент од 0,02. Како и да е, точно е дека однапред не може да се знае колкав имунитет се развил кај секој поединец. Оттаму, поедноставно е и прележаните да се вакцинираат – но само со една доза – потенцира Даниловски.

Фото: Игор Бансколиев

Како што појаснува тој, се покажало дека прележаност плус една доза вакцина дава посилен имунитет, отколку две дози вакцина кај непрележаните.
– И, секако, таа доза да им се даде откако прво бидат вакцинирани – макар со една доза – граѓаните без каква било заштита. Не е јасно зошто СЗО и ЕУ не ја променат препораката за давање две дози на сите – и прележани и непрележани, кога науката е едногласна за одвишноста на втора доза кај прележаните. Токму заради придржувањето кон таквата препорака на СЗО и кај нас не е можно прележан од ковид-19 да добие потврда за завршена имунизација само со една доза. Но некои земји веќе имаат донесено сопствени одлуки во таа смисла, на пример, Швајцарија. Нашите надлежни би требало да донесат иста таква одлука. Тоа ќе овозможи уште поголем граѓани да се вакцинираат пред непредвидливата есен – порачува епидемиологот Даниловски.

Mикробиологот проф. д-р Никола Пановски вели дека доста зборувал за ова во изминатиот период.
– Ефектот е нула. Кај нас прележаните се први за вакцинација, со благослов на здравствените власти. Осумдесет отсто од нив се веќе вакцинирани, а 10 отсто од непрележаните примиле една доза вакцина. Премногу некоректно за да се коментира. Додека не се вакцинираше и последниот непрележан полнолетен граѓанин на Македонија, не требаше да се вакцинира ниту еден што прележал. Толку логично, а сепак не се применува – дециден е Пановски.