Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПРАЗНИЦИТЕ И БЕЗДОМНИТЕ ЛИЦА

На 25 и 30 декември се дистрибуираа новогодишни пакети за 180 лица. Пакетите содржеа топла облека, долна облека, чорапи, ќебиња, сетови за хигиена и дезинфекција. Пунктот ќе работи и за време на новогодишните и божиќните празници, со намера да се згрижат лицата што ќе имаат потреба од сместување, вели Сузана Тунева Пауновска, секретарка на Црвениот крст на Скопје

Периодот на новогодишните и божиќните празници треба да помине во духот на хуманост и подадена рака, особено оваа година, која несомнено беше една од најтешките години за граѓаните. Ако 2020-та остане запаметена како една од најтешките години за оние што имаат покрив над глава, што останува за оние лица што секојдневно се борат со студот, гладот и немањето основни услови за живеење. Во сето тоа сивило со кое секојдневно се соочуваат бездомните лица, постои една светла точка, повеќе позната како пунктот за бездомници на Црвениот крст во Момин Поток. Во овој центар, во овие врнежливи и студени денови, се згрижени од 150 до 180 лица.
Како што информираат од Црвениот крст на Скопје, за време на зимскиот период, пунктот работи секоја среда и петок, а кога температурите се ниски истиот тој работи 24 часа.

– Оваа година, поради протоколите со пандемијата, опремивме и дополнителен капацитет во Чичино Село за сместување лица. За оние што се работно ангажирани се изнајмени и соби за три месеци додека имаме ниски температури – вели Сузана Тунева Пауновска, секретарка на Црвениот крст на Скопје.

Таа вели дека локацијата во Чичино Село е обезбедена во соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Скопје. Собите се опремени со душеци, ќебиња, вреќи за спиење, грејни тела, храна и хигиена. За оние што се работно ангажирани бездомни лица се изнајмени и приватни соби за нивно сместување во период од три месеци, додека има ниски температури.

– На 25 и 30 декември се дистрибуираа новогодишни пакети за 180 лица. Пакетите содржеа топла облека, долна облека, чорапи, ќебиња, сетови за хигиена и дезинфекција. Пунктот ќе работи и за време на новогодишните и божиќните празници, со намера да се згрижат лицата што ќе имаат потреба од сместување – вели Тунева Пауновска.

Колку што може да е среќа во несреќа за овие лица, од Црвениот крст информираат дека имаат мобилни тимови што ќе бидат на терен со дополнителна хуманитарна помош, а надвор од главниот град, Црвениот крст има активности за бездомните лица за време на студен бран и во Струмица, Битола и во Струга.

Од Министерството за труд и социјална работа велат дека обезбедуваат постојана грижа и поддршка за овие лица. Неколку години едноподруго комплетен третман од фризерски услуги и можност за капење, чиста облека и храна до лекарски прегледи, бездомните лица добиваат во центарот на Црвениот крст на Скопје во Момин Поток, кој опстојува десетина години и постојано ги зголемува можностите за помош на овие лица. Црвениот крст на Скопје има евидентирано 180 бездомни лица. Оттаму информираат дека сега во овие услови на пандемија во Центарот за бездомни лица, ако пред тоа сместувале по 40 лица, сега ќе сместат само 20 и додаваат дека и меѓу бездомните лица имало болни и излекувани од ковид-19.

– Дополнително имаме уште една локација во Чичино Село, која ја обезбедивме во соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Скопје. Собите се опремени со душеци, ќебиња, вреќи за спиење, грејни тела, храна и хигиена. За оние што се работно ангажирани бездомни лица изнајмивме приватни соби за нивно сместување. Досега имавме еден случај на заразено бездомно лице од ковид-19, кое болнички се лекуваше и се излекува. Потоа претходно имавме шестчлено семејство што заболе од ковид-19. За членовите на ова семејство не можеме да кажеме дека се бездомни лица, но живееја во многу лоши услови, па за време на болеста ги сместивме во еден од карантинските хотели. Постојано работиме на тоа бездомните лица да ги внесеме во системот, да им овозможиме, освен сместување, да ги добијат потребните документи или вработување – вели Сузана Пауновска, секретарка на Црвениот крст на Македонија.

Од Министерството за труд и социјална работа велат дека постојано работат на тоа да ја утврдат потребата од поддршка и најсоодветен вид заштита на овие лица.

– Како една од формите за социјална заштита, за да се превенираат негативните последици за лицата и семејствата што од најразлични причини се доведени во состојба да немаат дом, воспоставен е Центар за бездомни лица – Скопје, кој функционира како организациска единица на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа – Скопје. Центарот за лица бездомници обезбедува дневно и привремено прифаќање и згрижување на овие лица преку давање советодавни услуги, услуги во врска со исхрана, дневен престој, одржување на хигиената, здравствена заштита и обезбедување образование на децата сместени во него – велат од министерството.
Оттаму додаваат дека даваат финансиска поддршка и за Црвениот крст на Скопје во чии рамки е и пунктот за бездомници во Момин Поток.

– Во случај на пополнетост на постојните капацитети за сместување на бездомните лица, изминативе неколку години во текот на зимските месеци е пристапено кон обезбедување алтернативно сместување на бездомни лица и семејства во други расположливи капацитети на установи за социјална заштита. Притоа најголема фреквенција на бездомни лица постои во Скопје, при што бездомните лица што се согласни на сместување и ги исполнуваат условите во моментов се сместени, додека во другите градови бројот на бездомни лица е незначителен, со тоа што капацитетот на Центарот за лица бездомници – Скопје се користи и од страна на другите центри за социјална работа – информираат од министерството. Д.Т.З.; С.К.