Заев и Николовски ја промовираа кампањата „Сега сé е јавно – Корупцијата не се исплати“

Претседателот на Владата Зоран Заев и заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот Љупчо Николовски, денеска ја промовираа кампањата за подигање на свесноста и за поддршка во борбата против корупцијата.

Премиерот истакна дека, под слоганот „Сега сé е јавно – Корупцијата не се исплати“, кампањата е од посебен јавен интерес и дел од широкиот фронт за борба против корупцијата, и произлегува од јасната политичката волја да се избориме за целосно искоренување на корупцијата.

– Кампањата е израз и на нашата постојана и гласно афирмирана заложба да им дадеме гласност и видливост на воспоставените јасни механизми за соработка меѓу сите институции за справување и спречување на корупцијата, и за охрабрување на граѓаните и медиумите да укажуваат и да зборуваат јавно и гласно – нагласи Заев.

Кампањата има за цел да ги мобилизира граѓаните и државната администрација во обезбедувањето заштитни механизми и отпор кон корупцијата која го разорува општеството по сите основи.

Станува збор за интегрирана кампања која ќе информира за заштитните механизми преку видео и аудио продукција, различни пиар активности. Како канали за комуникација со нејзините пораките земени се дигиталните платформи на социјалните медиуми, домашните веб-портали, билбордите, а ќе биде креирана и посебна интерактивна веб-страница, како што истакна Заев.

– На кампањата „Сега сé е јавно – Корупцијата не се исплати“ треба да се гледа како на уште еден придонес за синхронизирана комуникација и за остварување на приоритетите утврдени во Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 – потенцираше Заев.

Заев ги повика граѓаните да се охрабрат и да ја пријавуваат корупцијата и како неприкосновениот и конечен владетел во нашата демократска земја да не се плашат од никого, а на функционери на сите нивоа им порача дека корупцијата не се исплати и дека последната дестинација на оние што го прават ова кривично дело е затворот и срамот пред заедницата.

Николовски дополни дека станува збор за широка комуникациска кампања, со единствена цел – на највисоко ниво да се информира јавноста за штетноста на корупцијата во функционирањето на едно општество, за подигање на свеста кај секој граѓанин, за да ја препознае и пријави корупцијата.

– Со кампањата ја праќаме пораката – дека оваа Влада е максимално заложена и одлучна, да води политика на транспарентност, која е основата на борбата против корупцијата. Крајно, транспарентна Влада значи создавање на услови за буквално секој граѓанин да гледа како функционира системот и притоа да ги има сите можности да ги детектира слабостите, пропустите и да алармира за недоследности – нагласи Николовски.

Во своето обраќање тој образложи дека во видеоспотовите на кампањата драматично е претставен мегафонот како симбол кој го зајакнува гласот, односно прави обидот за корупција да биде исклучително ризичен поради транспарентноста на процесите.

– Токму тие мегафони се симбол за сите алатки на транспарентност, кои им стојат на располагање на сите граѓани, во секое време. Како што вели и слоганот, „Сега сé е јавно“, така и мегафоните во спотовите, зајакнувајќи го гласот на разговорот и привлекувајќи внимание кај околните минувачи и затекнати поединци, прават транспарентноста да се сфати, како параметар кој треба да ги одврати од намерата за корупција – потенцираше Николовски.

Како што кажа Николовски, со кампањата се праќа пораката дека оваа Влада е максимално заложена и одлучна, да води политика на транспарентност, која е основата на борбата против корупцијата.

– Транспарентноста, гласноста и свесноста се клучни за да се избориме со ова зло. Мора да сме информирани. Мора да сме храбри. Сега сé е јавно. Навистина, со сета таа транспарентност, корупцијата не се исплати“, истакна заменик-претседател на Владата, најавувајќи дека наскоро ќе биде објавен систем за пријавување на корупција и за следење на сите предмети поврзани со ова кривично дело.