Фото: Маја Јаневска-Илиева

Божиќно интервју со г.г. Стефан, поглавар на МПЦ-ОА

Напади и непризнавања имало и ќе има. По нечии желби ниту сме тоа што сме, ниту можеме да не бидеме тоа што сме! Славно име имаме, што би рекол поетот, ќе сакаат да ни го земат, вели г.г. Стефан

Изминатата година беше мошне турбулентна на политички, но и на црковен план. Македонските владици во неколку наврати се изјаснија и за прашањето за референдумот што се случи минатата година, но и за евентуалната промената на името на државата, како и што би значело тоа за името на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. МПЦ на Црковно-народниот собор во струшко Калишта апелира за национално единство, со препорака да се употребат сите сили за зачувуваше на националниот и духовниот идентитет на македонскиот народ и сѐ што е македонско, како и да не се менува името на државата, а со тоа и на црквата.

Се очекува оваа година да биде значајна за МПЦ-ОА, особено што се очекува Вселенската патријаршија да направи исчекор во процесот во кој се заложи за признавање на автокефалноста на нашата црква.
Во таа пригода, „Нова Македонија“, токму во пресрет на најголемиот христијански празник, Христовото раѓање – Божиќ, подготви празнично интервју со поглаварот на МПЦ-ОА, митрополитот скопски и архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, кој посочи дека изминатата година била година на предизвици за православните верници и дека е потребно самите достоинствено да го чуваме и браниме она што, како што вели тој, е наше македонско.
– А напади и непризнавања имало и ќе има. По нечии желби ниту сме тоа што сме, ниту можеме да не бидеме тоа што сме! Славно име имаме, што би рекол поетот, ќе сакаат да ни го земат – вели г.г. Стефан.

Ваше блаженство, на прагот сме на уште еден Божиќ. Како ја оценувате оваа година за православните верници во земјава, особено што беше политички турбулентна година? Дали оваа година беше подобра за Македонската православна црква – Охридска архиепископија од претходната?
– Секоја година носи свое бреме и е различна од претходната, како што и следната ќе се разликува од таа што била пред неа. Колку минатата година беше добра за сите граѓани на Република Македонија, толку беше и за православните верници. Овој наш народ одамна е навикнат на тешки времиња, па дури и немал времиња без печал и страданија. Но не смееме да престанеме да се надеваме на подобри. И не само да се надеваме, туку и да вложиме напор секој да го дава својот придонес во изградбата на едно подобро општество за сите. Впрочем, содржината на времињата и годините зависат од нас. А токму овие предбожиќни денови, се пригоден повод да се запрашаме колку секој од нас се потрудил во рамките на своите можности и, конечно, наместо да се прашуваме дали и колку некој сторил за нас, да видиме колку ние сме успеале да направиме за нашиот ближен, за нашиот народ и за нашата Црква.
Божиќ е празник на мирот и добрата волја, па да се потрудиме Богочовекот Христос да се роди и во нашите срца, та со Божја помош да ги надминеме сите сегашни и идни недоразбирања. Во градењето на доброто, и во општеството и во Црквата, треба да учествуваме сите, секој за што е повикан или за што ја добил довербата.

Како го гледате развојот на настаните во православието, по одлуката за признавање на автокефална црква во Украина од страна на вселенскиот патријарх?
– Раздвижувањата што ги причини одлуката на вселенскиот патријарх за признавање на автокефална Украинска православна црква се само показател дека нешто не е во најдобар ред со критериумите врз основа на кои се регулира современото православно уредување. Канонската традиција има посебно место во Црквата и таа треба да се почитува и да се практикува како за себе, така и за другите. Од наша страна, со загриженост ја следиме состојбата на затегнатост на односите меѓу Цариградската патријаршија и Руската православна црква, надевајќи се на скорешно надминување на несогласувањето и на меѓусебно помирување. Голема надеж во таа насока дадоа и последната одлука на РПЦ и помирливиот став во врска со рускиот манастир на Света Гора, кој се наоѓа под цариградска јурисдикција. Ако има добро во овие несогласувања, тоа е што тие се од административен, а не од доктринарен карактер.
МПЦ-ОА испрати писмо до вселенскиот патријарх во кое бара Вселенската патријаршија да се заложи и да признае автокефална црква во Македонија како Охридска архиепископија. Дали во меѓувреме има некакви информации, кои можат да значат дека

Вселенската патријаршија наскоро би го отворила и македонското црковно прашање, како што го направи тоа со Украина?
– Како и претходно, така и сега – ништо не е поинаку, Македонската православна црква – Охридска архиепископија е неспоредлива во однос на сите други православни цркви, кои се во очекување на нивно сеправославно прифаќање. Во текот на изминатите децении се правени огромни напори за запознавање на нашите православни браќа со нашата црковна реалност. Состојбата со православието во нашата земја, кое во основа остана единствено и неподелено, и покрај обидите, е далеку поподготвена за да се направи еден таков чекор и во однос на конечното препознавање и прифаќање. Но станува збор за два различни и неповрзани случаи, кои треба одделно да се набљудуваат. Ние нема да престанеме да се надеваме дека просветлени од евангелската љубов конечно ќе се отворат очите да се види и потврди, и нашето вековно постоење, како и современото возобновеното воскресенско живеење, и во татковината и меѓу иселените Македонци.

Има ли досега до вас некакви реакции од Српската православна црква?
– Позитивни реакции во изминатиот период, за жал, немало, така што отсуството на реакции може да се оцени како позитивно. Со исклучок на писмото од српскиот патријарх, г. Иринеј, упатено до неговата сесветост, вселенскиот патријарх г. Вартоломеј, во кое, противејќи се на најавената можност за признавање на автокефалноста на нашата света Црква, поглаварот на СПЦ нѐ нарече „неиспилена држава и народ“.

Ваше блаженство, изминатава година на Црковно-народниот собор, во титулата на архиепископот беше додадена одредницата Јустинијана Прима. Која беше причината за тоа и што ќе значи тоа за МПЦ-ОА?
– Уште во 6 век, на нашава територија била основана самостојната архиепископија Јустинијана Прима, добивајќи во диптихот висок ранг, веднаш по големите источни патријаршии. Врз нејзини основи се темели и Охридската архиепископија, чиј правен и историски наследник е денешната Македонска православна црква. Станува збор за само уште една потврда за вековен и непрекинат духовен континуитет на православната црква на овие простори до ден-денес. Впрочем, и многу охридски архиепископи, покрај охридски, во својата титула го носеле и името на Јустинија Прва.

Ваше блаженство, во јавноста се има впечаток дека МПЦ секогаш не се носи со времето во насока да ги привлече младите кон себе. Напротив, честопати се случува црквата кај младите да биде предмет на потсмев, пред сѐ, поради изјави на одредени владици во Синодот на МПЦ? Има ли стратегија МПЦ како да ги придобие младите на своја страна?
– Светот останува на младите – рекол нашиот мудар народ. Од нив зависи иднината, како и тоа каква земја ќе имаме, па и каква Црква ќе имаме. Имаме млади архијереи, млади свештеници, а неделните богослужби, и во храмовите и во манастирите, за разлика од порано, веќе се со позабележливо присуство на млади луѓе. Но пораките на Црквата остануваат исти, без разлика на променливоста на времињата. Впрочем, како што вели апостолот, Христос е ист и вчера, и денес и во веки. Црквата не се темели на маркетинг и модерни трендови, но е должна да ја пренесува истата вистина од почетокот на нејзиното основање, без разлика дали тоа некому му се допаѓа или не. Таканаречените „модерни“ вредности, ни на овој ни на оној век нема да можат да бидат оправдани или промовирани од Црквата: правото на избор на жената нема никогаш да може да го замени правото на избор на живот на нероденото дете.
Колку и да се модернизираме, сепак, традиционалното семејство ќе биде секогаш основната клетка на општеството, а се разбира и на Црквата. Задачата на Црквата не е да се приспособува на трендови или овоземни политики, туку да биде столб и тврдина на вистината. Треба да се осовременат пристапот и јазикот, да се прифатат и да се користат начините за комуникација во современиот свет, но не треба да се промени суштината на пораката.

Постојано сме сведоци на нападите врз македонското име, идентитет, јазик и култура. Македонската православна црква е неделив дел од македонското опстојување. Како ги оценувате тие напади и оспорувања на сè што е македонско?
– Бог му го дарува крстот на оној што го љуби; колку е поголем крстот, толку е поголема и Божјата љубов! А даруваниот крст треба да се земе и со духовна зрелост цврсто да се носи. Па, така, заштитени, и со Божја помош, сите непријателски напади и дејствувања ќе бидат обессилени. Единствениот наш одговор треба да биде љубовниот одговор на ангелската песна: во прославувањето на Бога во висините и промовирањето на мирот и добрата волја меѓу луѓето. Ако Бог е со нас – но за тоа ќе треба да бидеме и ние со Него – тогаш никој не може да стори ништо против нас.

По Божја волја постоиме, со Божја помош и ќе опстоиме! За нашето внатрешно единство и единството со Бога, одлуката е исклучиво наша. Од нас зависи дали ќе Му дозволиме на Новородениот Младенец да се всели во нашите души, та водени од Витлеемската ѕвезда да се потврдиме како носители на мирот и добрата волја. Многу попотребно е ние самите достоинствено да го чуваме и браниме она што е наше македонско. А напади и непризнавања имало и ќе има. По нечии желби ниту сме тоа што сме, ниту можеме да не бидеме тоа што сме! Славно име имаме, што би рекол поетот, ќе сакаат да ни го земат…

Фото: Маја Јаневска-Илиева