Овој настан ја отвора дилема за целта што Српската православна црква сака да ја постигне и да се претстави како една од најстарите православни цркви на Балканот, со континуитет подолг и од древните православни цркви. Верските аналитичари велат дека тоа ќе значи и присвојување на историјата на Охридската архиепископија како дел од историјата на СПЦ, што во основа е крадење историја и нереално претставување

Српската православна црква оваа година ќе одбележува јубилеј од осум века автокефалност. Настанот е предвидено да се случува во октомври годинава, со серија активности, и за СПЦ претставува еден од најзначајните јубилеи во нејзината историја. Во црковните кругови во православието овој настан предизвикува реакции, но и критика, бидејќи, според познавачите на состојбите, се работи за јубилеј што не може историски да се поврзе со 800 години континуитет на автокефалност на Српската православна црква.
Велат дека во овие осум века денешната СПЦ не постоела во оваа форма и со оваа јурисдикција што ја има. Од друга страна, посочуваат и дека од овие 800 години, голем дел од периодот СПЦ воопшто не постои како самостојна црква, туку е под јурисдикција на Цариградската патријаршија, а еден долг период била и под јурисдикција на Охридската архиепископија.

Поради тие причини овој настан ја отвора дилема за целта што сака да ја постигне СПЦ и да се претстави како една од најстарите православни цркви на Балканот, со континуитет подолг и од древните православни цркви.
Верските аналитичари велат дека овој јубилеј што сега ќе го слави СПЦ директно значи и присвојување на историјата на Охридската архиепископија како дел од историјата на СПЦ, што во основа е крадење историја и нереално претставување дека денешната СПЦ има континуитет на автокефална црква од осум века.
Бранко Ѓорѓевски, познавачот на состојбите во православието, вели дека не може директно да се каже дека ова е присвојување на историјата на Охридската архиепископија.

– Таа е постара од СПЦ, од тие осум века што СПЦ сега се подготвува да ги слави. Но ова е добар повод за да се потсетат историчарите и црковни познавачи на околностите во кои е добиена таа „автокефалност“ како што ја слави СПЦ. За такво нешто не постојат архивски документи во Цариград, нема томос, нема пишана потврда. Точно е дека има случувања, дека има реакција од Охридската архиепископија, тогашниот нејзин поглавар, противење на такво создавање на новата црква без да има согласност за тоа на мајка-црква, која е Охридска архиепископија.
Но потоа се случило што се случило, очигледно со нарушување на црковните правила, а што сега СПЦ ѝ става како забелешка на МПЦ во нејзина борба за автокефалност. Фактите зборуваат дека СПЦ ја добила автокефалноста во 1879 година, дека патријаршија станала во 1920 година, а дека во 1922 година таа ги добила под свое и епархиите од Кралството СХС, меѓу кои и Македонија. Тоа се клучните датуми за СПЦ – посочува Ѓорѓевски.

Според него, чествувањето 800 години од автокефалноста е шанса СПЦ и другите православни цркви да се потсетат на сите околности како дошло до српска црковна самостојност, како и дека тоа не одело по каноните.
За тоа, нагласува Ѓорѓевски, сега не се зборува, особено не кога се оспорува правото на автокефалноста на црквите на другите народи.
Јубилејот од осум века што ќе го слави СПЦ оваа година претставува континуитет на автокефално функционирање од 800 години и поврзување на првите црковни заедници од 1219 година, период кога свети Сава успеал да ја организира првата српска црква позната како Пеќска патријаршија, па до денешната СПЦ. Но, според историчарите, во овој период Српската црква не егзистира како автокефална црква во континуитет, бидејќи имала периоди кога била под јурисдикција на други автокефални цркви.

Историчарите велат дека првата самостојност на СПЦ е од 1219 година до 1368 година, кога сите епархии од Српската црква влегуваат под контрола на Цариградската патријаршија. За време на османлиското владеење на Балканот, СПЦ има периоди на прекини и обиди за возобновување, но формалната јурисдикција на некои од епархиите се менувала или со Цариградската патријаршија или со Охридската архиепископија. Конечно, во 1766 година, со одлука на султанот Мустафа Трети, Пеќската патријаршија е укината, а јурисдикцијата ја презема Цариградската патријаршија. Тој период трае до ослободувањето на Србите од Османлиите и едностраното прогласување автономна митрополија во Белград во 1832 година, а потоа и прогласување автокефалност во 1879 година. Конечно, дури во 1920 година СПЦ ја стекнува јурисдикцијата во денешна форма и со томос на Вселенската патријаршија добива автокефалност како обединета православна црква на Кралството Југославија.

Настанот што ќе го слави СПЦ оваа година предизвикува внимание и во православниот свет, проследен и со коментари на дел од православните свештеници. Меѓу покарактеристичните реакции е онаа на архимандритот Роман Анастасијадис од Критската црква, која е дел од Вселенската патријаршија, кој во коментар кон српскиот владика Амфилохие го праша кои се историските вистини за овој јубилеј што сега го слави СПЦ.

– Очигледно 1879 година, кога официјално ѝ е доделена автокефалноста на денешна СПЦ, според математиката на светиот Црногорски, ѝ претходи на 1453 година (според ставот на СПЦ, добила автокефалност во 1219 година)… Па така, како што изгледа, српската автокефалност му претходела на падот на Константинопол, односно се случила во „Константиновиот период“! Што ли не друго ќе прочитаме, браќа? Вакво извртување на вистината немам сретнато досега. Вие, високопреосвештен, поминавте речиси десет месеци покрај преподобниот Пајсиј Светогорец? На ова ли ве научи? Ако му го прочитате вашето интервју, би се согласил ли тој со вас? Не ви е срам од него? Или, пак, потребна ви е неговата личност само за да го надградувате вашиот профил на старец во рамките на вашата помесна црква? Ќе ми кажете дека за да постои скромност, треба да постојат и вредностите и идеалите во човекот, а не сè да биде предадено на берзата на животот – напиша архимандритот Роман Анастасијадис од Критската црква.