За индициите за незаконско работење од страна на концесионерот досега повеќепати алармираа повеќемина рибари од охридско-струшкиот регион. Тие велат дека се сведоци дека постои риболов на диво и се изведува од организирана група, а рибочуварите ангажирани од концесионерот или замижуваат на оваа негативна појава или, пак, и самите се учесници. Овој пат рибарите, според нивни претходни искуства, однапред предупредуваат за потенцијалните злоупотреби за сума од над 100 илјади евра што државата ги доделува за вештачкиот мрест на рибите

Група рибари од струшко Радожда апелираат до државата да ја спречи исплатата на средства за вештачкиот мрест на риба во Охридско Езеро, бидејќи, во спротивно, како што велат, повторно огромни државни средства ќе се слеат во џебот на концесионерот со езерото фирмата „Летница-Белвица“, кого го обвинуваат за незаконско стопанисување со езерото. Низа основи на сомневање, изјави, па дури и материјални докази од страна на професионалните рибари биле поднесени до надлежните институции, во врска со, како што велат самите, досегашните незаконски дејства при стопанисување на концесионерот со Охридско Езеро. Но досега не добиле никаков одговор. Рибарите сега уште подлабоко се сомневаат дека има некаква непринципиелна спрега на концесионерот со државните институции, бидејќи државата е глува за апелите со кои се предупредува не само за штетите што државата ги трпи од стопанисувањето со Охридско Езеро, туку и од еколошки аспект и девастирањето на рибниот фонд.

Овој пат, незадоволни од непреземените решителни мерки од страна на Министерството за шумарство и водостопанство во врска со нивните пријави за концесионерот, тие предупредуваат и за поголема контрола и надзор за предвидените финансиски средства што државата ги доделува за вештачкиот мрест. Според нив, станува збор за сума од над 100 илјади евра што државата ги доделува за вештачкиот мрест на рибите. Рибарите се исклучително децидни, или предвидените финансии да одат во целост и во функција на порибување, или ако се нема конкретен план и трошковник за ефикасно порибување, тогаш воопшто да не се доделуваат тие пари, бидејќи поучени од претходните искуства, тие тврдат дека голем дел од парите не се става во функцијата што им е предвидена, туку се слеваат во приватните џебови.

– Оваа риба издржала милиони години со природен мрест, а сега се даваат огромни средства за вештачки мрест. Сметам дека тоа е целосно непотребно, туку целта е да се испумпаат некои пари – вели рибар што посака да остане анонимен.

Сличен став има и друг рибар од струшко Радожда, кој додава дека со вештачкиот мрест му се прави огромна штета на езерото.

– Ако сега му дозволат на концесионерот да го направи вештачкиот мрест, тоа ќе биде погубно за езерото. Концесионерот за пет-шест дена ќе ја заврши целата работа, ќе се слика за телевизиите и ќе си ги земе парите, иако тоа него нема ни приближно толку да го чини. Рибата може сама да се мрести ако се чува езерото и нема да има потреба од вештачки мрест – додава рибарот од Радожда.

Обајцата очекуваат државата да почне да постапува и да му ја одземе концесијата на концесионерот „Летница-Белвица“, бидејќи, како што велат, тој целосно го прекршува законот со своето работење и го пустоши рибниот фонд во езерото.

– Дојдоа инспекторите, направија инспекциски надзор и беа утврдени неправилности, но до ден-денес ништо не е обелоденето. Немаме сознанија ни дали државата ќе преземе нешто, иако очекуваме по изјавата на министерот за земјоделство дадена викендов нешто да се направи – додаваат рибарите за „Нова Македонија“.

Инаку, токму викендов министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, на прес-конференција свикана по објавена аудиоснимка во еден медиум, а во врска со непостапување на инспектор околу работењето на концесионерот со Охридско Езеро, истакна дека надлежните бараат да се постапува против сите што го кршат законот.

– Минатиот месец до нас стигна допис од регионалниот центар за гранични работи „Запад“, во кој се посочува дека постои отсуство на преземени активности од страна на Државниот инспекторат Охрид и Струга и на концесионерот на Охридско Езеро „Летница-Белвица“, во делот на контролите за откривање и спречување криминал. Конкретно, центарот алармира дека токму концесионерот има вработени лица за стопански риболов што се познати сторители на кривични дела како што се незаконски риболов и недозволена трговија со дрога. Овие лица го злоупотребиле стопанскиот риболов и со помош на необележани пловни објекти за стопански риболов учествуваат, помагаат и овозможуваат извршување кривични дела, шверцување марихуана и риба преку сината граница на крајбрежјето на Охридско Езеро – изјави министерот Димковски.

За хаосот со работењето на концесионерот со Охридско Езеро „Летница-Белвица“, „Нова Македонија“ пишуваше во повеќе наврати, а надлежните во МЗШВ најавија дека ќе ги испитаат обвинувањата што стигнуваат од страна на рибарите. Изминатиот период постапуваа и Инспекторатот за земјоделство, Пазарниот инспекторат, Трудовиот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство, но досега не е објавен извештајот за тоа што утврдиле инспекторите.

За индициите за незаконско работење од страна на концесионерот алармираа некои од рибарите од охридско-струшкиот регион, кои тврдат дека риболовот на диво се изведува од организирана група, а рибочуварите ангажирани од концесионерот или замижуваат на оваа негативна појава или, пак, и самите се учесници.

Десетина рибари од струшко Радожда, кои беа ангажирани од концесионерот, во изјава за „Нова Македонија“ рекоа дека се изиграни од фирмата што во моментов стопанисува со Охридско Езеро и е во сопственост на стружанецот Милорад Чавкоски. Тој истовремено е управител и на „Пастрмка – 2013 Струга“, која, пак, е подружница на „Пастрмка 2012“, компанија што во 2018 година остана без концесијата поради непорибување на езерото и неисплатени обврски кон државата.

Управителот на „Летница-Белвица“, Милорад Чавкоски, неодамна за весникот рече дека не знае зошто рибарите ја прават оваа хајка против него и додаде дека постојат државни служби што ќе утврдат дали работи според законот или не.

„Нова Македонија“ се обиде да стапи во контакт со одговорните во Државниот инспекторат за земјоделство и да добие одговор на прашањето дали се утврдени неправилности во работењето на концесионерот, но оттаму кратко ни одговорија дека директорот e на состанок, но и дека сите акции што ги презема инспекторатот се во координација со МЗШВ.

Фото: Емил Јовановиќ