Фото: Игор Бансколиев

Ако сево ова го вмрежиме низ матрицата на суштинските идентитетски аспекти на спогодбата со Грција, тогаш можеме да заклучиме дека македонскиот народ им одолеа на медиумските притисоци, како и на своевидниот мобинг на претставниците на меѓународната заедница врз сувереното право на граѓаните од македонска етничка позиција да одлучат дали и како ќе се изјаснат во однос на референдумското прашање, тврдат експертите

Недоволниот одзив на референдумот во Македонија даде сосема друга неочекувана точка за владејачките партии околу натамошниот развој на земјата и жешкиот костен сега се префрла во рацете на народните избраници. Иако резултатот од референдумот не е обврзувачки, односно има консултативен карактер, сепак јасниот неуспех на референдумот во однос на одзивот во Македонија е горчлива тешкотија за имплементација на претходно планираното во однос на спогодбата со Грција. Сепак, премиерот Зоран Заев по објавувањето на првичните резултати од референдумот, иако на него не беше постигнат одзивот, го повика парламентот да продолжи со следните чекори за имплементација на договорот за името преку одлука за усвојување на уставните промени, притоа алудирајќи пратениците да ја почитуваат изразената волја на мнозинството граѓани. Ваквиот развој на настаните отвора низа дилеми во домашната експертска јавност, како и на кој начин ќе се спроведат уставните измени ако е познато дека власта не располага со потребното парламентарно мнозинство за промена на Уставот. Ќе има ли обиди за „купување пратеници“ од еден во друг табор, за да се обезбеди потребното мнозинство во периодот што следува. Каков е сигналот што го испратија над 600-те илјади граѓани што излегоа на референдумот и гласаа од една страна и неопходниот услов за успешен референдум, нискиот одзив, односно цензусот од друга страна, се дилемите што се актуализираа веднаш по одржувањето на референдумот.
Професорот и аналитичар Љупчо Ристовски, коментирајќи ги резултатите од референдумот за договорот со Грција, вели дека повеќе од јасен е сигналот што го испрати народот со одзивот од околу 35 отсто, кој пак од формалноправен аспект говори дека не е постигнат потребниот цензус, во однос на бараните 51 отсто, во согласност со законот.

– Доколку се направи анализа на структурата на гласовите по избирачки места, ќе добиеме втор значаен сигнал, според кој доминантно македонските етнички средини се далеку под бараниот цензус, за разлика од доминантно албанските општини/избирачки места каде што одзивот е педесетина проценти, плус-минус. Ова говори јасно за волјата на гласачите и за неуспехот на Владата да ја добие поддршката од македонскиот народ. Ако сево ова го вмрежиме низ матрицата на суштинските идентитетски аспекти на спогодбата со Грција, тогаш можеме да заклучуваме дека македонскиот народ им одолеа на медиумските притисоци, како и на своевидниот мобинг на претставниците на меѓународната заедница врз сувереното право на граѓаните од македонска етничка позиција да одлучат дали ќе да се изјаснуваат во однос на референдумското прашање – вели Ристовски.

Професорот понатаму објаснува дека власта треба да ги научи лекциите што се однесуваат на потребата од градење политики на искрени намери кон своите граѓани за да ги придобие за партнер во процесот. Во однос на логиката на пораката што ја испратија граѓаните што гласаа „за“, професорот Ристовски вели дека е истоветна по важност со одлуката што ја донесоа тие што бојкотираа или апстинираа од процесот.

Фото: Игор Бансколиев

– Мудроста се состои во тоа Владата да го препознае поривот на македонската нација за достоинство и полна почит од страна на сите, како дома, така и надвор. Но и меѓународната заедница да сфати и да прифати постоење на македонска нација што има политичкоправен суверенитет на територијата на Република Македонија, нормално споделен со сите други граѓани што се делови од албанскиот народ и сите преостанати етнички заедници како што се споменати во Уставот. Оттука, пратениците не смеат да бидат вовлекувани во неизвесна авантура поврзано со евентуалната одлука за отворање на Уставот, за имплементација на уставните амандмани што се преземена обврска од спогодбата со Грција, а уште помалку и да размислуваат околу гласање за нив. Тука посебна тежина има одговорноста на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе мора да одиграат клучна улога и да не подлегнуваат на домашните и странските притисоци или закани и уцени. Големината на човекот се покажува од неговиот однос кон клучните историски премрежиња, како и од одлуките за тоа кој правец да се фати, одлуки донесени во услови на разбранувано море – заклучува Ристовски.

Професорот дополнува дека перспективите што би резултирале од евентуалното обновување на притисокот во Собранието врз пратениците ќе нѐ оддалечуваат сѐ повеќе од реформските процеси, односно од санирање на владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, судска и извршна власт.
Од друга страна, за комуникологот и политичкиот аналитичар Петар Арсовски резултатите од референдумот се консултативни и како такви треба да се земат во обѕир на спроведувањето на договорот со Грција.

– Јас мислам дека референдумот треба да го сметаме како консултативен и, поаѓајќи оттаму, тие да ги вреднуваме какви и да се во одлуките што планираме да ги спроведеме. Тоа беше впрочем и тврдењето на Заев во кампањата каде што појасни дека без оглед на тоа какви и да се резултатите, договорот со Грција ќе продолжи да се имплементира. Тука сакам да појаснам дека и со успешен референдум немаше да ја поколеба Владата во остварувањето на договореното со Грција, настрана од резултатите што ќе беа објавени во јавноста – вели Арсовски.
Тој додава дека секоја политичка партија во земјава треба да направи свој план како ќе дејствува во периодот што следува, односно како ќе се постави на обврските што произлегуваат од спогодбата со Собранието.

– Секоја партија треба да ги протолкува овие резултати сама по себе и да изгради одлука. СДСМ, од една страна, треба да анализира дали на овие добиени гласови на референдумот може да се потпре и да ги смета за следните предвремени избори доколку не најдат заеднички јазик со опозицијата за уставните промени. Од друга страна, некои пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што гласаа на референдумот даваат сигнали дека, сепак, е можно да гласаат и за уставните промени во Собранието, но тоа не е доволен показател дека ќе се случи да може да се потпре Владата. Како и да е, во овој момент не може прецизно да се предвидат политичките чекори на партиите, па оттаму мислам дека, сепак, на крајот одлуката ќе се сведе повторно кај граѓаните, односно ќе имаме нови парламентарни избори наскоро – заклучува Арсовски.