Фото: Игор Бансколиев

Каде е седиштето на црквата формирана од апостол Павле?

Пишува: Блаже Миневски

Во истражувањето на македонскиот писател Милош Линдро, кој во својата нова книга засегна редици прашања од нашето културно и духовно минато, аргументирано се побива тврдењето дека Јустинијана Прима е некаков „Царичин Град“, близу градот Лебане, не многу далеку од Лесковац, Србија. Според него, на сите средновековни карти, во сите средновековни и нововековни ракописи и книги, тоа е – Охрид, а не некакво Лебане. Сепак, за ваквата голема забуна, донекаде се виновни и нашите, македонски истражувачи, кои не разбирајќи што е тоа „Јустинијана Прима“, ги предлагаат Таор, Бадар и Скопје како места за историска и археолошка локација на Јустинијана Прима. Во книгата „Segunda impresium index novus…“, отпечатена во 1735 година во Падилја, веројатно Падилја де Абахо, на деветтата страница стои дека токму Охрид е седиште на Јустинијана Прима. И тука, точно тука, во самото име, всушност е коренот на вековните заблуди околу тоа што е тоа Јустинијана Прима. Сите тргнуваат од податоците забележани во делата на Прокопиј, вклучувајќи го и делото „Тајната историја“, која му се припишува нему, без да биде тоа недвосмислено докажано.

Прима е центар на древна црква

Факт е дека Јустинијана Прима не е град, или – само град, тоа е центар, седиште на древна црква. Зошто? Затоа што во таканаречената „Шпанска нотиција“ се објаснува дека во таа стара, балканска црква, основана од апостол Павле и официјализирана од императорот Јустинијан, терминот „примас“, то ест „превол“ означува „патријарх“. Оттука Јустинијана Прима би требало да се разбира како „Патријаршијата на Јустинијан“. Во она што се нарекува кабинетска наука, која кај нас е од поново време, но на запад е од постаро, се воведува дури и еден смешен поим „Јустинијана Секунда“, што е апсолутен нонсенс. Всушност на тој начин се банализираат и целосно се заташкуваат трагите, смета Линдро посочувајќи голем број факти како доказ за неговото тврдење дека Јустинијана Прима никако не може да биде во некакво Лебане, кај Лесковац, или во селото Таор, кај Зелениково, туку само и единствено во Охрид, древно црковно седиште од најстари времиња.
Во македонската официјална наука, градот Јустинијана Прима не е Охрид туку нов град што бил изграден околу 535 година во родното место на царот Таварисон, денешното село Таор, Катлановско. Следејќи ги биографските податоци на неговиот личен биограф Прокопиј, Јустинијан сакал да му се оддолжи на своето родно место, па затоа изградил град што бил наречен Прима, што во превод означува прв, односно прв по убавината и раскошот, водечки град во земјата. Веднаш потоа, со царски декрет, градот станал центар на политичко-административната, на црковната и на воено-стратегиската власт во префектурата Илирик, која се протегала од Дунав до Крит.

Прима и српските археолози

Ваквите извори тврдат дека градот постоел само 150 години, а за откривањето на неговата местоположба постојат повеќе претпоставки меѓу кои е и таа дека тој се наоѓал во близината на скопското село Зелениково. Според професор д-р Иван Микулчиќ, доајен на македонската археологија, голем број столбови и капители, довратници и надвратници, скалила, делкани блокови, украси од фасадите, при што само од театарот во Скупи околу две илјади камени блокови, биле однесени по земјотресот во 518 година на друго место, а времето на пренесувањето се совпаѓа со градењето на Јустинијана Прима кај Таор.
Српските истражувачи, пак, градот на Јустинијан го лоцираат на 7 километри од Лебане, каде што се откриени големи мозаици и остатоци од градот. Како поткрепа на тезата дека токму овој град е Јустинијана Прима се цитира легендата за сопругата на Јустинијан, царицата Теодора, која била родена во околината на Лебане. Следејќи ја логиката дека Јустинијан бил добар зет, или, поточно, домазет, српските археолози тврдат дека од љубов кон својата сопруга во нејзиното родно место изградил нов величествен град, кој во исто време бил седиште на новооснованата архиепископија Јустинијана Прима. Царичин Град кај Лебане, во близината на Лесковац, бил подигнат за време на владеењето на царот Јустинијан, а градот на почетокот на 7 век го разориле Словените.

Писателот Милош Линдро има собрано многу карти и пишани докази, кои не одат во прилог на тезата дека Јустинијана Прима е некаков град, каде и да е, туку е седиште на црква, односно патријаршија. Според него, факт е дека Јустинијан Први во 535 година ја потврдил легалноста на автокефалната архиепископија, која била наречена Јустинијана Прима, а во таа насока, дури и „официјалната наука“, како што вели тој, се согласува со тоа дека охридските архиепископи од 12 до 14 век ја носеле титулата „архиепископи на Јустинијана Прима“. Зошто би ја носеле таа титула ако немаат никаква врска со Јустинијана Прима, односно ако градот и архиепископијата била во Лебане или Таор, сеедно?

Царичин Град и Јустинијана Прима?

Во „научните“ прилози, кои можат да се најдат дури и на Гугл, таканаречениот Царичин Град, што треба да значи град на царицата Теодора, сопруга на Јустинијан Први, се наоѓа на 7 километри од Лебане, односно на 30 километри од Лесковац, кој, како што се вели, „скоро сигурно“ е градот Јустинијана Прима. Српските археолози тврдат дека станува збор за еден од најголемите и најзначајни византиски градови на Балканот. Градот го подигнал византискиот цар Јустинијан Први во знак за благодарност кон крајот во кој се родил. Прв истражувач на градот бил Владимир Петковиќ, кој по утврдувањето на големината на градот, остатоците на мозаици и архитектонска пластика, поставил хипотеза дека станува збор за Јустинијана Прима.
Почнувајќи од таа хипотеза подоцна градот е прогласен за важен црковен, административен и воен центар, седиште на новооснованата архиепископија Јустинијана Прима. Подоцнежните археолошки истражувања на највисокото место во градот откриваат таканаречен Акропол, односно седиште на црковната управа, опкружен со моќни бедеми, комплекс на епископската палата со подно греење, голема катедралана црква со три апсиди, атриум и крстилница. Според српските археолози, остатоците од црковната и световна архитектура, по својата урбанистичка поставки, по скапоцените подни мозаици и разновидната декоративна пластика во целост „одговараат описот на Прокопиј на Јустинијана Прима“.

Таор крај Скопје

Македонската археологија „прецизно“ има утврдено дека селото Таор, кое се наоѓа на рид на источниот раб на Скопското Поле и на влезот на Вардар во Таорската Клисура, е многу стара населба, позната и споменувана и во античкиот и во средновековниот период. Во антиката местото се викало Тауресиум, а во него бил роден византискиот император Јустинијан Први. Поради значајната и стратегиски важна местоположба во населбата Тауресиум – Таор имало организиран живот и значајни воени утврдувања, па затоа самото тоа е повеќепати споменувано и запишано во античките и во средновековните записи. Сепак, најраниот запис за Таор – Тауресиум е од 6 век, а негов автор е византискиот историчар Прокопиј. Во непосредната близина на денешното село Таор, во месноста Градиште, се наоѓаат остатоците од античкиот град Тауресиум, родното место на византискиот император Јустинијан Први, кој во 535 година формирал и автокефалната архиепископија Јустинијана Прима, со седиште во истоимениот град во Таорската Клисура, значи на левиот брег од реката Вардар и на 26 километри на исток од Скопје.

Фото: Игор Бансколиев