Фото: Игор Бансколиев

Телевизискиот канал Јуроњуз се обиде да открие дали називот Северна Македонија е прифатен меѓу интернет-корисниците, преку истражување спроведено од пребарувачот Гугл. 

Гугл известува дека бројот на пребарувања за „Македонија“ е за 1.800 отсто повисок во однос на „Северна Македонија“ во Европа, годинава, иако е забележано намалување на разликата.

Кога спорот за името го привлече вниманието на светската јавност на крајот од минатата година, обемот на пребарувања на „Македонија“, во Велика Британија, на пример, опаднал на најниско ниво во изминатите три години, во средината на декември минатата година, според истражувањето.

Дури и порастот на пребарувања на „Македонија“ во јануари, кога парламентите на Македонија и Грција го ратификуваа Преспанскиот договор, не бил ни блиску во однос на претходните највисоки забележани бројки. Од друга страна, примената на „Северна Македонија“ на Интернет, постепено се засилува.  Во Велика Британија е забележан зголемен интерес за називот Северна Македонија, откако била објавена информацијата за новото име, во јуни минатата година.

Гугл не ги открива точните бројки при пребарувањето, туку дава резултати врз основа на индекс кој покажува дали интересот расте или опаѓа.