Груевски би требал да бара азил во прифатните центри на унгарската граница, според Џудит Сарџентини

Холандската пратеничка во Европарламентот, Џудит Сарџентини, постави неколку прашања поврзани со случајот на поранешниот македонски премиер Никола Груевски кој бара азил во Унгарија, пренесува унгарскиот весник „Нипсава“.

– Прашање е дали унгарските власти ќе останат доследни на сопствените прописи според кои Груевски би требал да биде испратен во прифатен центар за да аплицира за азил, или ќе го одбијат неговото барање, бидејќи тој доаѓа од, според нив, безбедна земја? Или пак, нема да важи ниту една од овие опции – напиша Сарџентини на Твитер.

Таа додаде дека веќе ги прашала унгарските власти дали може да се бара азил надвор од транзитната зона, со што добила негативен одговор.

– Ги прашав унгарските власти дали некој може да побара азил надвор од прифатните центри на границата со Србија. Одоговорот беше не. Дали тие ќе го затворат Груевски или постои посебна процедура за ВИП-азил во Будимпешта – се прашува холандската политичарка, посочувајќи дека поранешниот македонски премиер може да аплицира за азил само од транзитната зона, доколку влегол во Унгарија без пасош.

Случајот на Никола Груевски ќе се најде на дневниот ред на седницата на Комитетот за национална безбедност на Унгарија, идната недела, соопшти претседателот на Комитетот Адам Миркоцки.

– Тоа без сомнение ќе биде тема на агендата – истакна Миркоцки, додавајќи дека најважното прашање е „како осуден човек влегол во државата“.