Во текст на Тони Барбер во влијателниот „Фајненшел тајмс“ насловен: „ЕУ не смее да го оттурне Балканот од себе“, авторот посочува на можната „експлозија“ што може да се случи во Европа ако Македонија и Албанија не добијат датум за преговори. Меѓутоа, она што не може толку очигледно да се прочита е битието на колумната за големата вознемиреност за судбината на Европа, а нема загриженост за Македонија и за Албанија. Ние можеме да се дадеме себеси до степен на разобличување, за Европа да остане негибната!? Дали колумната ќе оди во рајот за колумните? Во продолжение е интегралниот текст од „Фајненшел тајмс“

На почетокот на војните во Југославија во 1991 година, тогашниот министер за надворешни работи на Луксембург Жак Пос ги пофали мировните напори на ЕУ како знак дека „дојдоа петте минути на Европа“. Неговата надменост навести страшна темнина што ја зафати Југоисточна Европа. Ограничувањата во дипломатската моќ на ЕУ никогаш не беа побрутално изразени како за време на ѕверствата што беснееја низ Хрватска и Босна и Херцеговина, додека не беа запрени со воената акција на НАТО и на американски предводената дипломатија.
Сега ЕУ е на работ да направи уште една историска грешка на Балканот. Европските влади треба да одлучат на самитот во јуни дали да ги започнат преговорите со Албанија и со Северна Македонија за влез во Унијата. Одлуката мора да биде едногласна за да се спроведе. Во голема мера, за да се заштитат од внатрешните противници, неколку влади предводени од Франција и од Холандија не сакаат да се посветат на следната фаза за проширувањето на ЕУ.

Французите сакаат ЕУ да се фокусира на внатрешните реформи, да ја зајакне еврозоната и да избегнува чекори што можат да ја поттикнат поддршката за десничарските нативисти и антивладините популисти во Европа. Доколку противниците успеат во своите намери, тие ќе ризикуваат да се подгреат токму тензиите што ЕУ сака да ги избегне на Балканот.
Овој аргумент особено важи за Северна Македонија. Премиерот Зоран Заев и неговите колеги го отфрлија ултранационализмот на нивните претходници. Тие покажаа силна храброст да го решат спорот за името на нивната држава, кој ги нарушуваше односите со соседна Грција уште од почетокот на 1990-тите години. За Балканот, кој е познат по нерешливите етнички, верски и територијални конфликти уште од периодот пред Првата светска војна, ова е еден редок пример за разумен компромис што беше постигнат мирно.

Граѓаните на Македонија со право се сомневаат дали ЕУ воопшто ќе ги отвори вратите за нив, доколку храбрата дипломатија и вештото решавање на внатрешните димензии на спорот за името не бидат наградени со почеток на преговорите за влез. Одложувањето на преговорите само би ги уназадило реформите во државата, со што би се нарушила борбата против корупцијата и организираниот криминал што на крајот би резултирало со славомакедонски шовинизам.

Најстрашно од сè е што разочарани ќе бидат етничките Албанци, кои сочинуваат околу една четвртина од населението. Пред помалку од 20 години изби албанскиот конфликт во Македонија за чие решавање беше потребна брза интервенција на НАТО. Една причина за релативното затишје е што водечките албански лидери им порачуваа да не ја губат вербата во членството во ЕУ, кое тие го замислуваат како гаранција за човековите права и ветување за просперитет.
Ако ЕУ не ги отвори вратите за државата, умерените ризикуваат да го загубат угледот. Но исто така ќе биде опасно, како што сметаат некои во регионот, ако ЕУ започне преговори за влез со Северна Македонија, но не и со Албанија. Таков потег само ќе го подгрее албанскиот национализам што ќе ги натера политичарите и активистите во Албанија и во Косово да се откажат од надежите за влез во ЕУ и експлицитно да ја прифатат идејата за голема Албанија. Како резултат на тоа ќе се нарушат напорите за решавање на спорот меѓу Србија и Косово и ќе се зголемат тензиите меѓу Бошњаците, Србите и Хрватите во Босна и Херцеговина.

Доколку се зголеми нестабилноста во регионот поради нерешителноста на ЕУ, тоа ќе даде плодна почва за надворешно мешање. Балканот е простор за натпревар меѓу надворешните сили, во кој во незавидна позиција ќе се најдат Русија, Турција и Кина, поради зголеменото влијание на ЕУ и на САД по југословенските војни.
Руските агенти стоеја зад обидот за пуч во Црна Гора во 2016 година, а во Грција и во Македонија дејствуваа за да го спречат потпишувањето на Преспанскиот договор. Турција го финансира политичкиот ислам во регионот. Таа е активна меѓу муслиманите Бошњаци и етничките Албанци во Косово, Македонија и во Албанија. Кина го шири своето влијание преку капитални инвестиции во рамките на иницијативата „Еден појас, еден пат“.

За да се спречат руските и кинеските амбиции, Вашингтон е подготвен да соработува со ЕУ во заштитата на западните интереси. Брисел треба да се потпира на својата среќа дека Балканот е еден од малкуте региони во светот што не е засегнат од недоразбирањата во американско-европската надворешна политика под власта на администрацијата на Доналд Трамп. ЕУ и Америка имаа заеднички придонес во решавањето на спорот за името меѓу Грција и Македонија.

Критичарите на процесот за проширување се во право кога велат дека квалитетот на демократијата и владеењето на правото се под европските стандарди во балканските држави. Но можат да исчезнат довербата на регионот во ЕУ и ентузијазмот на неговите народи за тешките реформи што се потребни за добивање членство, доколку на следниот самит закажан идниот месец не се испратат позитивни сигнали. Сè друго би предизвикало ширење хаос на Балканот и штета по ЕУ, која повторно ќе биде виновна што сама си ставила трн во здрава нога.

Автор: Тони Барбер
Превод: Билјана Здравковска