Иако до почетокот на училишната година остануваат само уште неколку дена, во Битола, во моментот, сосема е неизвесно дали навреме ќе почне наставата во едно средно и во пет основни училишта, каде што поради неплатени сметки, струјата веќе еден месец е исклучена.

И покрај сите напори што во моментот ги вложуваат општинската администрација и градоначалничката Наташа Петровска, никој не може да каже со сигурност дали до почетокот на учебната година проблемот ќе биде решен и дали во овие училишта ќе заѕвони училишното ѕвонче, за да го означи почетокот на новата учебна година.
Иронијата да биде поголема, и покрај тоа што општината Битола во својата каса има пари да го плати долгот, кој изнесува над 6,5 милиони денари, не може тоа да го стори поради блокирани сметки, а плаќањето со цесии е законски забрането. И додека градоначалничката Петровска и општинската администрација не знаат кој пат да го фатат за да им ја платат струјата на блокираните училишта, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во чиј мандат беа направени долгови од 4,5 милиони евра, бара оставка од Петровска.

– Неработењето на Наташа Петровска почна силно да се рефлектира врз нас младите. На десет дена до почетокот на учебната година, училиштата немаат струја, а задолжителниот превоз за ученици сѐ уште не е регулиран. Најдобро што можете да направите за нас младите е што поскоро да ја прекинете оваа фарса и да поднесете неотповиклива оставка, ако кај вас и кај вашите соработници постои грижа на совест – рече Марко Јосифовски од УМСМ на ВМРО-ДПМНЕ.

Најголемиот број училишта должат и за „бесплатниот“ превоз, кој во изминатите години многу скапо ја чинеше Битола. И покрај тоа што општината во изминатиот период направи доста активности за намалување на долгот, поради високите затезни камати и извршните трошоци, долгот постојано расте, така што тој сега изнесува над 4,5 милиони евра и во голема мера го загрозува нормалното одвивање на воспитно-образовниот процес.

Колку што овој проблем за општината е тежок, толку за некои тој бил „бонбона-бизнис“. Најдобра потврда за тоа е што еден извршител, според зборовите на градоначалничката Петровска, во изминатиот период од едно училиште наплатил само за извршни трошоци, ни помалку ни повеќе, туку над 200.000 евра. Оттаму, многумина во Битола со право сметаат дека „бесплатниот“ превоз, кој во изминатиот период го практикуваше претходното општинско раководство, стана најскап превоз и барем засега нерешлив проблем за сегашната администрација.

Инаку, според податоците што беа пласирани во јавноста, во моментот најзагрозени во Битола се Медицинското училиште, кое должи 35 милиони денари, ОУ „Крсте Петков Мисирков“ од Бистрица со долг од 39 милиони денари, „Елпида Караманди“ со долг од 21 милион, „Гоце Делчев“ со долг од 19 милиони и „Климент Охридски“ со долг од 20 милиони денари.

Вкупниот долг на училиштата е 4,5 милиони евра, а како што велат од општината, тоа се должи на тоа што претходното општинско раководство воопшто не водело сметка за решавање на овој проблем и не ги сервисирало навреме тековните трошоци.

– Ниеден ручек не е бесплатен, но различно е кој го порачува, а кој го плаќа. Додека претходното раководство се однесуваше во изминатиот период многу комотно, без воопшто да води сметка за решавањето на овој проблем и задолжувањето на училиштата, нам ни се падна сега да ги плаќаме нивните фактури – вели секретарот на општината Слободан Најдовски, кој во детали ги презентира сите долгови на училиштата и во кој период се направени.

Интересно е тоа што од сите блокирани училишта во Битола деновиве само едно училиште успеа да плати струја. Тоа е средното училиште „Таки Даскало“, кое успеало да ја плати струјата зашто ја искористило ситуацијата на само неколку часа деблокада на сметката за да ја плати струјата.

За состојбата во која се наоѓа општината Битола, кога станува збор за исклучувањето на електричната енергија, е известена и Владата. Од општината Битола велат дека била формирана работна група, предводена од премиерот, и дека треба да се најде законско решение за решавање на овој проблем до почетокот на учебната година.
Наедно се наметнува потребата од поинакво решавање на „бесплатниот превоз“, кој барем кога станува збор за Битола е премногу скап.