Возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква е, пред сѐ, Божја волја. Дека е ова така, го потврдува, ете, и ова наше 60-летно славје, но и 1000-годишниот духовен континуитет на Охридската архиепископија. Зашто таа, впрочем, никогаш не беше укината во срцето на македонскиот верник. Па, зар може некој некому да му ја укине верата, молитвата, подвигот? 

Ова го порача Архиепископот г.г. Стефан на вечерашната Свечена академија која се одржа во црквата Света Софија во Охрид. 

Посочи дека дури и ако се постават туѓи јурисдикции, владетелства и епископи, па дури и по пат на симонија – може ли некој да ја укине, да ја искорне црквата од битот на еден народ!? 

– И, да потсетиме: никој од соседните братски народи не се обиде да ја возобнови, ниту се повика на Охридската архиепископија – прв тоа го направи македонскиот народ. Зашто, како што вели народното расудување, кого најмногу го боли за нешто? Тој кому тоа нешто му било сопственост, било негово-нагласи г.г. Стефан. 

Посака, по молитвеното застапништво на патронот на нашата света Црква – светиот Климент Охридски, следната годишнина да ја славиме со призната автокефалност и во заедница со другите помесни православни цркви.