фото: Фејсбук

Посетата на епископот Антаниски и игумен на Бигорскиот манастир г. Партениј во придружба на монаси и монахињи и приемот кај вселенскиот патријарх Вартоломеј е голем чекор на Фанар за решавање на црковното прашање и признавање на МПЦ-ОА, објави грчкиот православен сајт „Ромфеа.гр“, а потоа пренесоа повеќе грчки медиуми.

„Ромфеа.гр“ потсетува и дека приемот на епископот Партениј кај вселенскиот патријарх Вартоломеј доаѓа неколку дена по посетата на Атина каде што присуствуваше на вечерна служба и на Божествена литургија во црквата „Свети Пантелејмон“, најголемиот храм во грчката престолнина, како и на Меѓународниот фестивал на православна црковна музика, со благослов на архиепископот на Атина и на цела Грција, г.г. Јероним.
– Приемот на епископот Партениј се одржа во патријаршиската црква „Свети Георги“, во присуство на митрополитот Халкидонски г. Емануил. Треба да се спомене дека ова е првпат владиката на таканаречената „македонска црква“ во придружба на монашко братство и сестринства, да биде официјално примен од страна на Вселенскиот патријарх – наведува „Ромфеа.гр“.

Епископот Антаниски г. Партениј со монаси и монахињи од четирите манастири Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино, кои се под негово духовно раководство, во средата беа примени од вселенскиот патријарх Вартоломеј во Фанар, седиштето на Цариградската патријаршија.