По пет дена активна и на моменти жестока дискусија, прво на дводневната Комисија за надворешни работи и одбрана, потоа на маратонска пленарна седница во траење од 38,5 часа, грчкиот Парламент вчера го ратификуваше Договорот од Преспа.

Гласањето помина без изненадувања, онака како што и се очекуваше. 153 пратеници гласаа „за“, 146 „против“, а еден беше воздржан, јави дописничката на МИА од Атина.

Законот од Министерството за надворешни работи на Грција под наслов „Ратификација на конечниот договор за решавање на разликите кои што се објаснети во одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), прекинување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“, што содржи три члена, веднаш по гласањето беше потпишан од алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос.

По гласањето, грчкиот премиер, како што самиот откри, добил телефонски повик и  честитки од неговиот македонски колега, исто како што направиле и други лидери.

Откако во Грција беше ратификуван Договорот од Преспа, Алексис Ципрас говореше за историски ден за Грција и Балканот, а Кирјакос Мицотакис за тежок и тажен ден за Грција.

Грчкиот премиер рече дека „ се роди една нова земја на северната граница, Северна Македонија, која ќе биде земја пријател и сојузник на Грција“.

Ципрас им се обрати и на сите оние кои се противат на договорот, велејќи дека многу брзо и самите ќе ги видат придобивките.

-Сакам да им се обратам на сите Гркинки и на сите Грци. Резултатот на денешното гласање нема победници и поразени. Особено, сакам да им се обратам на оние кои се уште имаат свои приговори , го почитуваме тоа, критикуваат, го почитуваме и тоа, да бидат сигурни дека многу брзо ќе ги видат големите придобивки од овој голем чекор напред, рече Ципрас, пренесе МИА.

Во изјавата за медиумите, грчкиот премиер им се заблагодари на сите пратеници што ја поддржаа ратификацијата, велејќи дека „следните генерации и двата народи ќе им бидат благодарни бидејќи денес ги ставаат темелите за иднина на мирен соживот, солидарност и соработка“.

Лидерот на грчката опозициска партија Нова демократија, рече дека ратификацијата значи за прв пат, „од грчката влада, официјално признавање на македонскиот јазик и идентитет за жителите на Скопје“.

Мицотакис го повтори и она што го најави во завчерашниот негов говор во Парламентот дека Нова демократија, дека како влада, ќе го искористи правото на вето за интеграција на Македонија во ЕУ.

-Лично, зборував искрено за големите тешкотии што доаѓаат од спроведувањето на договорот. Но, се обврзав дека ќе останам цврсто на националната должност: нема да го отфрлам правото на Грција да стави вето за интеграција на Скопје во Европската унија. Ќе се борам со сите мои сили за да ги ублажам негативните последици кои е сигурно дека ќе произлезат од проблематичниот договор, рече Мицотакис.

Само неколку минути откако јасно и гласно за време на гласањето во грчкиот Парламент извика: „Секако, ДА“, поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас на неговиот официјален Твитер профил напиша дека победи политиката на мир, а „сега е итно, заедно со пријателите од Северна Македонија да ги спроведеме мерките од позитивната агенда од Договорот од Преспа, нашата заедничка иднина“.

Ставрос Теодоракис, лидерот на Река, заедно со двајца негови сопартијци, кои поради распаднатата пратеничка група на партијата станаа независни пратеници гласаа „за“ ратификацијата на Договорот од Преспа. Тој, во изјава по гласањето рече дека Парламентот донесе одлука што им служи на интересите на Грците и ја зајакнува безбедноста во регионот.

Позитивно за решението меѓу Македонија и Грција гласаа 145 пратеници од СИРИЗА (целата пратеничка група), седум независни пратеници и еден пратеник од Независни Грци.

Осумте пратеници кои го поддржаа Договорот од Преспа се:

Претседателот на Демократска левица Танасис Теохраопулос, кој беше избришан од коалицијата Демократска алијанса, сега независен пратеник;

Спирос Данелис кој беше избришан од Река, сега независен пратеник;

Ставрос Теодоракис, Јоргос Мавротас и Спирос Ликудис од Река кои по распадот на пратеничката група официјално се независни пратеници;

Елена Кундура, министерката за туризам, поранешна членка на Независни Грци, сега независна пратеничка;

Катерина Папакоста, заменик министерка за цивилна заштита, сега независна пратеничка;

Танасис Папахристопулос, пратеник од Независни Грци.

Со прозивање, сите 300 пратеници требаше да кажат дали гласаат „за“, „против“ или „воздржано“.

Следната обврска за Грција е да го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО.