Во другите држави-членки на НАТО, според медиумските информации, состојбите се различни. Па, така, за земјите од Балтикот заштитата на воздушниот простор се плаќа, додека за патролата над Албанија, Црна Гора, Словенија, Луксембург и Исланд или нема прецизни информации или истата таа е бесплатна

Мисијата на НАТО за заштита на небото над државите-членки позната како „Ер полисинг“ е дел од колективна одбрана на Алијансата, која ги штити интегритетот и суверенитетот на воздушниот простор на членките на воениот сојуз на кој наскоро ќе се приклучи и Македонија. Во однос на тоа колку чинат овие НАТО-операции и колку пари се издвојуваат од домашниот буџет за заштитата на небото над државата, во јавноста постоеја најразлични дилеми откако на 30 септември годинава официјално Грција ја презеде должноста со свои борбени летала да го заштитува и да патролира на нашето небо. За појаснување на состојбите за тоа колку Македонија ја чини оваа воздушна контрола на нашето небо од страна на Грција побаравме одговор од Министерството за одбрана.

Во одговор за „Нова Македонија“ од македонското министерство за одбрана истакнаа дека мисијата „Ер полисинг“ е една од големите придобивки на НАТО-членството и истата таа се изведува без плаќање од страна на земјата-корисник.
– Оваа мисија е дел од принципот на колективна одбрана, кој е во центарот на основачкиот договор на НАТО – велат од министерството.

Во меѓувреме, американскиот магазин „Дефенс њуз“ во своја анализа посветена на заштитата на небото над северното крило на НАТО, информира дека без поддршка на Алијансата и спроведување на „Ер полисинг“ балтичките држави Естонија, Летонија и Литванија не би можеле вистински да го заштитат небото над овој регион.
Магазинот потсетува дека мисијата „Ер полисинг“ над Балтикот започнала на 30 март 2004 година и таа сѐ уште е активна 15 години подоцна.

Професорот Лукас Милевски од Универзитет во Лаиден во Холандија истакнува дека заштитата на воздушниот простор над Балтикот е скапа, но таа е врвен приоритет кај локалните држави и тоа може да се препознае и по високите трошоци што тие ги имаат за оваа намена.

Во информација на истата тема, порталот „Балктик корс“ пренесува изјава на поранешниот претседател на Летонија, Рајмондс Вејонис, кој информирал дека во 2015 година за „Ер полисинг“ над балтичкиот регион неговата земја на сојузниците им платила 3 милиони евра.

Порталот додава дека од 2004 г. па наваму над 15 држави од НАТО ротирале со своите авиони спроведувајќи ја мисијата над Балтикот.
Од друга страна, пак, според информациите во медиумите оваа мисија се спроведува во моментов во Македонија, Албанија, Црна Гора, Словенија, Луксембург и во Исланд од борбени летала на сојузничките армии.
Она што е интересно за забелешка е дека во медиумските информации, освен со исклучок на државите во Балтикот, нема конкретни податоци за тоа дали и колку другите земји плаќаат за оваа мисијата.

Во прилог на словенечката телевизија Поп ТВ на темава се наведува дека oд 2004 година па досега оваа операција била над земјата и ја спроведувале авиони на Италија и на Унгарија. Телевизијата информира дека досега оваа операција била бесплатна од државите што го надлетувале небото, но Италија годинава најавила дека размислува од 2020 година да започне да ја наплаќа услугата, водејќи се по предвидената рамка на НАТО за овие мисии.

Грција, освен за контрола над македонското небо, е задолжена да го чува и небото над Албанија и Црна Гора, за што нема јавни информации за цената на чинење на овие мисии или истите тие се бесплатни.
Контролата на небото над Исланд, пак, од 2006 година па наваму ја вршат воените летала на армијата на САД, бидејќи оваа земја и воопшто не поседува никаква авијација, а во Луксембург патролирањето го спроведуваат борбени авиони на Белгија.

[email protected]