Црногорската полиција соопшти дека во целост ги испочитувала законските процедури

Министерството за внатрешни работи на Црна Гора соопшти вечерва дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски на 11-ти месецов влегол во Црна Гора и во истиот ден излегол од таа држава.

– По повод наводите објавени во медиумите, како и интересот на медиумите за ова прашање, а кои се однесуваат на тоа дека поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски влегол во Црна Гора на 11 ноември, во интерес на информирање на јавноста ве известуваме за следното: Никола Груевски влегол во Црна Гора на наведениот ден и истиот ден излегол од земјата – се наведува во соопштението од црногорското МВР.

Во соопштението се дополнува и дека црногорската полиција во овој случај „во целост ги испочитувала законските процедури“.

Претходно, Албанската полиција соопшти дека Груевски преку Албанија заминал за Унгарија.

Секторот за граница и миграција при албанската државна полиција во соопштение наведе дека Груевски Албанија ја напуштил на 11 ноември во 19.11 часот преку преминот Хан Хоти-Муриќан, на албанско-црногорската граница, како патник во автомобил со регистарски ознаки ЦД1013А, сопственост на амбасадата на Унгарија во Тирана.

Унгарските власти денеска објавија дека Груевски побарал политички азил во унгарско претставништво надвор од Македонија, но отфрлија каква било инволвираност во неговото бегство.